Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека мировните преговори во Украина мора да се обноват, но дека Москва ќе соработува исклучиво со легитимните лидери во Киев.
На прес-конференција во Минск, Владимир Путин нагласи дека преговорите мора да ја одразуваат реалноста на теренот, пренесува Ројтерс.
Русија го доведува во прашање легитимитетот на владата во Киев и претседателската позиција на Володимир Зеленски, откако Украина објави дека нема да одржи избори оваа година поради војната со Русија.
Зеленски го доби претседателскиот мандат во 2019 година, кога го победи поранешниот претседател Петро Порошенко, а новите избори требаше да се одржат во март или април.
Изјавата на Путин следи откако четири руски извори изјавија за агенцијата Ројтерс дека тој е подготвен да ја запре војната во Украина со договорен прекин на огнот со признавање на сегашните борбени линии на фронтот и дека рускиот лидер е подготвен да ја продолжи борбата доколку Киев и Западот не реагираат позитивно на тоа.