Министре Тодоров, болните од леукемија не се експериментални глувци

by Fokus

Болните од хронична миелоична леукемија се преплашени за својот живот, откако веќе вторпат за повеќе од една година им се менува терапијата, што може дополнително да им ја влоши здравствената состојба.  Според нив, животот им се става на коцка само заради штедење во здравството и ниските цени на лековите што се набавуваат.

Државата пред неколку месеци реши овие пациенти во животозагрозувачка состојба да ги лекува со поевтин  лек за да заштеди, бидејќи за нив на годишно ниво се трошеа околу два милиони евра. Лекот „гливек“ кој чинеше околу 2.000 евра беше заменет со поевтиниот лек „имакрибин“, кој пак чинеше 1.737 евра, а според нив е неквалитетн и небезбеден. За ситуацијата да биде уште поалармантна, од 1 октомври со тендер на скопската Клиника за хематологија овој лек е заменет со лекот „меаксин“, за кој пресудна била најниската цена.

Во редакцијата на „Фокус“ се јавија неколку револтирани пациенти, кои тврдат дека на здравствените власти и директорите цената им е пресудна, а не животот на луѓето.

– Јас имам сестра болна од хронична леукемија. Дали се тие свесни што е тоа? Преплашени сме и револтирани од се што се случува и од тоа што на неколку месеци почнаа да ја менуваат терапијата, само да заштедат. Па, зарем ќе штедат на грбот на болните од леукемија? Треба да поминат осум месеци откако им е сменета терапијата, за да се направат испитувања на крвта и да се провери како делува новиот лек на организмот. Министре Тодоров, болните од леукемија не се експериментални глувци – вели за „Фокус“, Марија Петковска.

Таа додава дека скоро сите болни имаат проблеми со промената на терапијата.

– Ги третираат како да се работи за главоболка. Ако те боли глава, ќе земеш друг лек. Тоа е леукемија, од неа се умира. Да даде Господ да се разболи некој од нивните, па да видиме како тогаш ќе реагираат – вели Петковска.

Со реакција се јави и Пепо Леви, претседател на Здружението за пациенти заболени од миелоична леукемија. Тој тврди дека ова што се прави со пациентите е невиден преседан.

– Новиот лек што треба да го земаат пациентите е најевтин и затоа тој ќе го користат. Никој не го интересира дали овие лекови што се пијат во Македонија се користат во некоја друга држава. Друг проблем е тоа што ние немаме второлиниска терапија и апелираме под итно да се воведе. Нормално, пациентите реагираат, не смее да им се менува лекот и никој не треба да си игра со нивното здравје – истакна Леви.

„Фокус“ испрати неколку прашања и до министерството за здравство, но досега од таму не добивме повратен одговор. Неколку пати досега, министерот за здравство Никола Тодоров истакна дека најниската цена е единствен критериум за набавка на лековите.

Пред неколку месеци, болните од хронична леукемија протестираа пред Клиниката за хематологија, затоа што им ја сменија терапијата.

 

 

 

Поврзани новости