Шекеринска: ЕУ порача дека Македонија е тргната по опасен пат

by Фокус

Она што порано Европската комисија (ЕК) го кажуваше срамежливо, сега се критикува јасно, гласно и директно. Европската порака е пратена: Македонија е тргната по опасен пат, изјави денеска Радмила Шекеринска, заменик-претседателот на СДСМ по повод извештајот на ЕК посветен на македонскиот европрогрес.

– Препораката е условена: власта мора да се справи со растечката политизација, зависното судство и слободата на медиумите за да се зачува европската шанса. Власта ја доведе Македонија во ќорсокак. Тоа денес го потврди и Европската комисија. Извештајот е драматично покритичен во однос на истиот минатата година. Оценките се драстично полоши во однос на сите од соседството. Ќорсокак, владин неуспех, назадување, чекори назад – тоа се зборовите кои доминираат во само една страна на резимето за Македонија – додаде Шекеринска.

Според неа владините неуспеси во клучни области ги загрозуваат реформите, со видливо назадување во некои области.

– Се зголемува политиазцијата на државните институции и владината контрола врз медиумите. Постои сериозна загриженост поради владината контрола врз јавните институции и медиумите. Селективна правда… Ситуацијата со медиумските слободи продолжува да се влошува. Веродостојни докази за притисок врз вработените во администрацијата за време на изборите. Растечки долг и неплатени владини обврски кон фирмите. Корупцијата останува сериозен проблем. И како резиме: ЕК жали за назадувањето во последнава година – додаде Шекеринска.

Поврзани новости