Министерството за здравство: Нема опасност за бремената штипјанка ако го промени инсулинот

by Фокус

Министерството за здравство реагираше на апелот од Асоцијацијата за детски дијабет „Баланс МК“ во врска со бремената штипјанка која, според здружението, била во опасност поради промената на инсулинот.

– Ве информираме дека пациентката веднаш е исконтактирана од страна на Министерството за здравство, а воедно пациентката потврди дека ја исконтактирале и претставници од оваа асоцијација. Таа објасни дека деновиве била уредно прегледана на Универзитетската клиника за ендокринологија, при што ѝ било кажано дека замената на еден тип инсулин со друг нема никакви штетни последици ниту по нејзиното здравје, ниту по здравјето на плодот. Уште еднаш потсетуваме дека врвните авторитети од областа на дијабетесот од Република Македонија јасно и недвосмислено потврдија во јавноста дека менувањето на еден со друг тип на инсулин воопшто не е штетно по здравјето на пациентите со дијабетес – велат од министерството.

Од кабинетот на Тодоров апелирааат дека давањето стручни квалификации околу типовите на инсулин да се остави на стручните лица и авторитети од областа на дијабетесот и апелира немедицински лица да се воздржат од давање нестручни и неточни изјави за цел креирање страв и паника меѓу населението.

Министерството за здравство во текот на утрешниот ден ќе организира превоз за пациентката од Штип до Универзитетската клиника за ендокринологија за да биде извршен контролен преглед.

Поврзани новости