МП: Законот за ЈО го подготвуваа домашни и странски експерти две години, ВМРО – ДПМНЕ да не смислува алиби

by fokus

Министерството за правда смета дека е несериозно да се бара изготвување нов текст на Закон за Јавното обвинителство, бидејќи работната група го подготвуваше текстот повеќе од две години, а една година има откога се започнати преговорите за ова законско решение.

-Денеска продолжуваат консултациите со пратеничките групи околу Предлог – законот за јавното обвинителство. Министерството за правда потенцира дека е несериозно да се бара изготвување на нов текст на Закон за Јавното обвинителство, бидејќи работната група го подготвуваше текстот повеќе од две години, а една година има откога се започнати преговорите за овој закон, се наведува во соопштението од Министерството.

Законот за Jавно обвинителство, како што е наведено во соопштението, се изготвуваше долг временски период во Министерството за правда, од работна група во која што учествуваа домашни експерти, научната јавност, јавни обвинители, но исто така и странски експерти и дури странски јавни обвинители коишто даваат сугестии и мислења за одредени пршања поврзани со Законот.

-Законот е сè уште на маса и доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да учествува во процесот, ги повикуваме да подготват амандмани на овој текст – се останато е алиби за недонесување на законот и избегнување на правдата, велат од Министерството за правда.

Мицкоски денеска побара професори и експерти да изготват решение за законот за јавно обвинителство, кое, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ безрезервно ќе го поддржи.

Тој предложи да се формира експертски тим во кој би биле вклучени професорите по уставно и казнено право Владо Камбовски, Гордана Силјановска, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева и Гордана Лажетиќ.

Законот што го предлага власта, според ВМРО-ДПМНЕ, е едностран и спротивен со експертските мислења, Уставот и кривичната материја, а негова единствена цел е Зоран Заев и актуелната власт да избегнат одговорност за, како што рече Мицкоски, сторените криминали.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски и лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак повикаа на консензус на политичките партии за законот.

Спасовски смета дека со тоа на дело ќе се покаже дека сите се за исполнување на стратешките цели – ЕУ и НАТО.

Заев вчера изјави дека законот за јавно обвинителство треба да се донесе според договорената меѓупартиска собраниска агенда пред распуштањето на Парламентот на 12 февруари. Ако тоа не се случи, Заев рече дека е можно одлагање на распуштањето на Собранието и пролонгирање на изборите.

Поврзани новости