Министерството за култура, наместо Субрата Рој, ќе потроши 5,5 милиони евра за споменикот на Мајка Тереза

by fokus

Министерството за култура ќе потроши 5,5 милиони евра за изградба на споменикот на Мајка Тереза, или како што тие официјално го нарекуваат, објект со скулптурална композиција. Министерството ја презеде обврската да ја финансира скулптурата, бидејќи пропадна донацијата од индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој ветуваше дека од свој џеб ќе ги покрие трошоците.

Министерството одлучило споменикот да го гради градежната компанија „Бетон“ Скопје, со која пред два дена склучила договор за изградба, а денеска истиот беше објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки. Во договорот пишува дека објектот треба да биде изграден во рок од 18 месеци.

Скулптурата треба да биде со ликот на нобеловката заедно со ангели како дел од фонтана (композиција налик на онаа на плоштадот „Филип Втори“) која ќе ја краси и цвеќарник и други елементи. Од распишаниот оглас можеше да се заклучи дека композицијата ќе ја сочинуваат фигури на Мајка Тереза со болно дете и родители кои ќе зафаќаат простор од речиси 12 кубни метри. Дел од композицијата треба да бидат и фигури на чесна сестра со инвалид, чесна сестра со болен што седи, чесна сестра со болен што лежи и чесна сестра со болен што седи на карпа. Фонтаната ќе ја красат неколку помали во различни положби и еден централен ангел. Ќе има и декоративни елементи во вид на пехар. При изработка на спомен-обележјето ќе се користи бронза, мермер, инокс и други материјали вообичаени за изведба на спомениците и другите зданија од „Скопје 2014“.

Масивната споменична целина ќе се најде на пешачкиот коридор помеѓу хотелот во изградба „Мериот“ и градилиштето на грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас, каде исто така во тек е изградба на хотел. Дека станува збор за монументално дело говори маркичката, која предвидува изградба на објект во висина од 32 метри, иако се претпоставува дека нема да биде искористена целата дозволена висина.

Идејното решение за овој споменик го осмисли скулпторката Валентина Стефановска во соработка со Кирил Мукаетов.

 

Поврзани новости