Од министерството за здравство информираат дека епидемиолошката состојба во поплавените региони е стабилна и дека нема појава на заразни заболувања. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост.
Надлежните установи постојано ја следат состојбата и здравствениот систем е целосно подготвен да одговори на потребите за здравствена заштита. По појавата на поплавите во овој регион, не е регистриран зголемен број на интервенции или повици во здравствените установи, а само во неколку изолирани случаи медицинските екипи реагирале со пружање симптоматска терапија кај лицата.
Исто така, редовно се врши надзор на водоснабдувањето и се земаат мостри на вода за пиење од ризичните подрачја. Резултатите од испитувањата покажаа дека во градот Тетово, каде што е воспоставена континуирана дезинфекција на градската водоводна мрежа, и во населените места Лешок и Непроштено, водата за пиење е исправна, додека во останатите рурални подрачја зафатени со поплавите, водата е неисправна и забранета за пиење.
Извршена е дезинфекција на површина од околу 25.000 м2, континуирано се делат таблети за дезинфекција на водоснабдителните системи, а воедно се врши едукација на населението со препораки за заштита на здравјето.
Министерството за здравство потсетува на дел од препораките за заштита на здравјето на населението во поплавените подрачја:
– Се препорачува користење на пакувана, превриена или дезинфицирана вода за пиење, за миење на забите, миење и подготовка на сирова храна, како и за миење на садовите.
– Водата се преврива така што садот со вода се става на шпорет да зоврие (10 минути), потоа се отстранува и се остава да се олади, а притоа во водата не треба да се става мраз.
– Се препорачува миење на рацете со сапун после чистење, пред подготовка на храната, пред јадење, после доаѓање во допир со детски измет и после одење во тоалет.
– Не треба да се користи храна која била во допир со вода од поплавите.
– Не треба да се јаде храна која била во фрижидер или замрзнувач, ако струјата е исклучена.
– Сварена храна и намирници кои можат да се расипат, задолжително да се чуваат во фрижидер (пожелно е да се чуваат на температури под 5 степени Целзиусови).
– Секоја храна мора да биде добро термички обработена (приготвена на температура повисока од 70 степени Целзиусови).
– Зготвена храна да не се остава подолго од 2 часа на собна температура.
Во случај на појава на послаби симптоми на гадење, повраќање, дијареа, односно симптоми слични на грип, висока температура, главоболки, кашлица или вртоглавица, како и при каснување од некое животно, и сл., лицата треба веднаш да се обратат кај матичен лекар или во дежурна служба.
Едукативни флаери со препораките за заштита на здравјето на населението континуирано се дистрибуираат во ризичните подрачја од страна на екипите на Центар за јавно здравје – Тетово.