Министерство за здравство денеска преку соопштение изрази најостра осуда за инцидентот во Општата Болница Кочани кога дежурна лекарка била нападната на работното место од страна на роднина на пациентка која била хоспитализирана во здравствената установа.
– Сметаме дека насилството врз докторите и медицинскиот персонал не смее да се толерира со што превземаме мерки да се воведе дополнително обезбедување на сите нивоа на здравствена заштита. Со оглед на зачестеноста на појавите на вербални и физички напади на докторите, Министерството за здравство презема активности за дополнително обезбедување и воедно ги повикува сите здравствени установи да преземат активности за да се обезбеди соодветна заштита и нормални услови за работа, стои во реакцијата од Министерството за здравство.