Повеќе од два часа доцни собраниската седница за Предлог-законот за Јавно обвинителство, на која пратениците треба да ја утврдат потребата од негово донесување, а за кој, како што кажа координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески е постигната доволно добра основа за поддршка од најмалку 80 пратеници.
Седницата беше закажана за денеска во 17 часот, по консултациите изутрината на претседателот на Собранието Талат Џафери со пратеничките групи и требаше да следи откако во меѓувреме ќе заврши проверката на законот. Некои медиуми излегоа со тврдење дека во моментов министерката за правда Рената Дескоска и собранискиот спикер Талат Џафери се на консултации, поради тоа што вчера било договорено едно, а во Собранието е доставена поинаква верзија на законот, но од Министерството за правда за МИА демантираа дека министерката е на средба со претседателот на законодавниот дом. И од ДУИ за МИА велат дека нема средба на Дескоска со Џафери или со други претставници на партија.
Претходно денеска ДУИ, но и опозициските Алијанса за Албанците и Беса соопштија дека нема да ја поддржат предлог верзијата на законот доставена до Собранието, бидејќи не била во согласност со договореното во Министерството за правда.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска претходно изјави дека за нив е прифатлив само синоќешниот договорен текст на законот за јавното обвинителство, а секој друг текст не е прифатлив.