Министерството за одбрана реагира на одржаната прес коференција на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, на која обвини дека преку спорен тендер ќе потрошат 250 милиони евра за набавка на оклопни возила.
-Користејќи ја трагичната несреќа која зафати дел од скопскиот регион, претставници на една политичка партија на секаков можен начин се обидуваат да вршат деструкција на сите државни институции. Но, она што го гледа македонската јавност е сосема спротивно од тоа што тие во континуитет го изјавуваат. Неосновано се пласираат информации во јавност за набавка на опрема која е во насока на модернизација на Армијата. Модернизацијата на армијата за секоја држава е стратегиско прашање, кое не треба да се гледа краткорочен аспект, велат од министерството.
Оттаму додаваат дека процесот за набавката на оклопни возила започнал уште во октомври 2014 година.
-Тоа подразбира изработка на техничка документација на опрема која е согласно потребите на Армијата и во согласност со НАТО стандардите. Техничките критериуми кои ги побарува Армијата мора да бидат исполнети од страна на понудувачот, а тоа подразбира и безбедност на припадниците на АРМ. Кога овие услови ќе бидат исполнети тогаш се разгледува цената на понудувачот кој секако е главен критериум, се вели во реакцијата.
Од министерството се правдаат и дека сумата која се споменува од 250 милиони евра била за период од 12 години заклучно со 2027 и е наменета за транспортни средства, средства за индивидуална и колективна заштита, средствата за вооружување (борбени и неборбени), логистичка и медицинска опрема, како и ремонтот и модернизацијата на материјално техничките средства. Значи не само за оклопни возила
-Оваа информација досега неколку пати беше пласирана во јавноста, но вие очигледно не сте ја слушнале ниту пак виделе. Напоменуваме дека финалните понуди од произведувачите, кои потекнуваат од земји членки на НАТО сеуште не се пристигнати и затоа изнесените факти се чиста шпекулација. Понатаму, битно е да се истакне дека тоа се директни понуди од производителите, а не од трговци. Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија ќе продолжат со своите активности во насока на модернизирање на опремата и подигнување на стандардот на припадниците на АРМ, велат од Министерството.