Поради блокадата на собраниската комисија за избори и именувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ навреме не е избран Одборот за доделување на наградата „23 Октомври“, информираа од Министерството за култура.
„Наградата ја доделува Одборот за доделување на Државната награда „23 Октомври”, составен од претседател и 12 члена, кој распишува конкурс и донесува одлука за доделување на наградата, според Законот за државните награди. Собранието на Република Македонија донесе Одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“ на 16.2.2015 година, со мандат од две (2) години. Мандатот на претходниот Одбор заврши на 16 февруари 2017 година“, се наведува во соопштението.
Од таму најавуваат дека Министерството за култура како носител на стручните и административните работи навреме покренало иницијатива за благовремено именување на нов состав на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“.
„Со оглед на тоа дека Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието на РМ во тој период не беше формирана, Одделението за доделување на државни награди бараше мислење од Министерството за правда и од Антикорупциската комисија за тоа дали тогашниот одбор за државната награда „23 Октомври“, на кој мандатот им престана на 16 февруари, може да ја продолжи својата работа, сè до именување на нови членови. Од обете институции (Министерството за правда и Антикорупциска комисија) се доби одговор дека не се надлежни во врска со ова прашање“, информираат од Министерството.