Родителите на убиените деца кај Смиљковско: Политичарите се пазарат со нашите деца, вистината е кај нив, а не во судот!

by fokus 11:57
11:57

Родителите на убиените деца кај Смиљковското Езеро се затекнати од вчерашната одлука на обвинителката Лилјана Спасовска, која на јавната седница за случајот „Монструм“ побара Врховниот суд да ги укине првостепаната и второстепената пресуда и случајот да го врати од почеток.

За „Фокус“ велат дека можеби вака е и подобро, бидејќи тие со години тврдеа дека не се казнети сите виновници за злосторството. Сепак истакнуваат дека полека ја губат надежта дека некогаш ќе се дознае целата вистина, бидејќи како што велат и претходната, но и сегашната власт, калкулира со сознанијата што ги имаат за случајот.

- Advertising -

-Се е политичка игра и пазарење. Прво играа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а сега СДСМ и ДУИ. Вистината што точно се случило ја знаат политичарите и од нив зависи дали таа некогаш ќе биде откриена, а не од судот и од обвинителството. Додека тие се пазараат, ние сме уништени, вели Раде Славковски, татко на убиениот Филип.

Горан Наќевски, таткото на убиениот Александар, ги има истите сомнеж, односно дека вистината за убиството на нивната деца се сокрива поради политички пазар.

-Ние со години зборуваме дека во случајот се вмешани политичари, но никој не не слуша. Од многубројните телефонски разговори, добиени преку пим мерки, а кои беа искористени како докази, како државна тајна се прогласени разговори кои доаѓаат од пет мобилни телефони, а кои според нашите сознанија се на функционери од ДУИ. Во пресудата ги има само телефонските броеви и должината изразена во секунди и минути на разговорите, но таму недостасува содржината. Не можеме да се помириме дека тие разговори ги сокрија и од нас. Зар за ваков масакар треба да си дозволат да кријат податоци зад превезот на строго доверливо или државна тајна? Според нашите информации кои на секој начин се обидуваме да ги добиеме, овие броеви се на функционери од ДУИ, а еден од обвинетите имал чести конекции со високи угледни личности и од албанските, но и со македонски политичари, истакнува Наќевски.

Тој искажува и разочараност од Специјалното јавно обвинителство, бидејќи обвинителката Катица Јанева на почетокот на мандатот истакна дека „Монструм“ ќе биде првиот случај кој ќе го работат, а засега не споделуваат ниту една информација.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости