Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на вториот ден од министерската конференција во Давос, посветена на усвојувањето на документи и востановување на Алијансата „Баукултур 2023″, истакнала дека основањето на Алијансата е добра вест и за Северна Македонија и дека тоа ќе биде мрежа која ќе ја иницира соработката на јавниот со приватниот сектор, а резултатот ќе донесе бенефит за сите.
-Станувајќи членки на Алијансата „Баукултур 2023″, ние преземаме и одговорност – одговорно да се однесуваме кон правото на секој човек да живее и да создава во хуман амбиент. Точно е дека секој има право да заработи, но не и да профитира од менталното здравје и од социјалниот живот на луѓето. Тоа не е бизнис со економски бенефит за сите. Тоа е корупција со лоши последици за сите, посочила министерката Костадиновска-Стојчевска.
Како што информираат од Министерството за култура, министерката пред присутните нагласила дека Северна Македонија има големо културно наследство кое ја дефинира нашата сегашноста и е дел од културниот идентитет и на Европа.
– Затоа подавам рака, зашто имаме многу заедничка работа. Македонското културно наследство е нераскинлив дел и сведоштво од секоја историска епоха на европскиот континент, истакнала Костадиновска-Стојчевска.
Оценила дека многу аспекти од Декларацијата од 2018-та за „Баукултур” се имплементирани во домашните стратегии и најавила дека ќе иницира формирање на Оддел за „Баукултур” во рамки на Министерството за култура што очекува да се реализира во најкраток рок.
Во рамки на конференцијата во Давос, меѓу другото, е изгласана заедничка изјава за закрепнување и обнова во Украина, за што поддршка дала и Северна Македонија.
„Баукултур” се дефинира како градење културен чин и простор за култура, кој ја гледа целата дизајнирана животна средина како кохерентна целина, од постоечки згради до современ дизајн, од мали рачно изработени детали до згради и отворени простори до големи инфраструктури, и од процесот на планирање преку изградба и работење до повторна употреба