Со збор, а не со насилство решавам недоразбирања, вели градоначалникот на Крива Паланка, на обвинувањата дека натепал полицаец

by fokus

Шокирани сме од информациите кои деновиве кружат помеѓу кривопаланчани, според кои градоначалникот Сашко Митовски, нешто по полноќ на 14.01.2023 година физички нападнал наш сограѓанин без било каква причина.

Дополнително на тоа информациите говорат дека настанот во билтенот на МВР бил заведен како Напад од Н.Н. сторител (непознат сторител) како да сме паднати од Марс, а граѓанинот не знае кој го нападнал. Јавно прашуваме до ОВР ПС Крива Паланка дали ваквите срамни и понижувачки информации се вистинити, имајќи предвид што нападнатото лице е полициски службеник, кој во периодот кога е нападнат од градоначалникот не бил на службена должност?-информираат денес од ОК на ВМРО ДПМНЕ Крива Паланка, и повикуваат сите кои биле присутни на наводниот настан, но и лицето кое било нападнато, да посведочат за настанот, односно постапката да се води до крај.

Градоначалникот Митовски пак, за ,,Фокус” вели дека се работи за тотална лага и тој ниту некого физички нападнал, ниту пак учествувал во тепачка.

-Ги охрабрувам сите надлежни и повикани целосно да го расчистат случајот, вклучително и судска разрешница!
Сето ова е целосна невистина и тоа ќе се докаже во соодветна постапка. Јас сум човек кој секое недоразбирање го решава со збор, а не со насилство- ни изјави Митовски.

И додека од ОК на ВМРО ДПМНЕ Крива Паланка во соопштението до јавноста го опишуваат Митовски со зборовите силеџија – каубоец, и бараат негова оставка доколку се потврдат наодите, изминатиот период голем број на кривопаланчани коментираа на социјалните мрежи дека имаат градоначалник кој се посветил целосно на градот, и кој направил од цела земја да доаѓаат позитивни коментари за функционирањето на нивната општина.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости