Министерство за култура нема пари за Струмички карневал: „Да го донесеме и Трамп, па да сфатите дека постоиме?“

by fokus

-Што треба повеќе да направиме, за да добиеме поддршка од Министерство за култура? – прашува Ванчо Ристов – Патриков од организациониот одбор на Струмичкиот карневал, откако оваа година биле одбиени од министертвото и не добиле ниту денар за организирање на Струмичкиот карневал, кој што е рангиран во дваесетте топ карневали во Европа.

,,За популарноста на Струмичкиот карневал не треба многу да се збори, тоа е манифестација која што е позната во светот, дури два пати прогласена за супер бренд во земјава, настан кој што го заживува градот и привлекува илјадници посетители од земјава, но и од светот. Минатата година од министерството ни понудија 100.000 денари, а годинава бевме одбиени. Жално е што овој настан е потценет и јавно прашувам што треба да сториме за да ја добиеме поддршката? Се финансираат секакви манифестации на локални нивоа, се дава финансиска поддршка на настани со значително помала популарност, но кога е во прашање Струмичкиот карневал, организаторите се соочени со една нејасна ситуација. Значи, сами мораме да се снаоѓаме, и се бориме со сите средства да имаме успешен и одлично организиран карневал секоја година. Од општината добивме околу 2,5 милиони денари, а од спонзори кои што не поддржуваат веќе 15 години, добивме околу 2 милиони денари. Голем број на струмички фирми го помагаат карневалот со спонзорства од по 3.000 до 5.000 евра, и благодарни сме на помошта. Конкретно, од министерството баравме околу 2 до 3 милиони денари, кои што би ги искористиле околу организацијата, но и за наградниот фонд кој што изнасува 15.000 евра, а би сакале да го зголемиме. Но, ете, не одбија,, – раскажува Ристов – Патриков. Тој додава дека манифестацијата трае осум дена, и во тој период градот е полн со посетители. Посебно за викендот, немало слободна соба во хотелите, со оглед на фактот што годинава ќе учествувале над 500 странци.

,,Карневалската програма е доста богата, имаме разни изложби, настапи на училишни групи, секој ден се одржуваат голем број на културни настани. Дефилето е надалеку популарно, не само кај нас, туку и во регионов, па туристички агенции организирано носат цели групи на посетители и од соседна Бугарија. И сето тоа не е доволно за да добиеме финансиска помош од нашето Министерство за култура. Државните институции не турнаа на страна, како да не постоиме. Ги прашувам, треба ли да го донесеме Доналд Трампп, за да сфатите дека овој карневал постои и е доста популарен и успешен? Ако е така, тогаш ќе му пратиме и официјална покана на американскиот претседател!,, – вели Ристов – Патриков.

Струмичкиот карневал заочнува на дваесет и втори февруари, а ќе трае до први март. Големото каренавлско дефиле ќе се одржи на дваесет и петти февруари, со над 2.000 маскирани учесници.

Вики Клинчарова

Поврзани новости