Министерство за култура: Конкурсот за откуп на класични композиции за 2017 ќе биде повторен, се поништува поради пропусти во постапката

by fokus

По соопштението доставено до медиумите од страна на автори, добитници на наградите на Конкурсот за откуп на музички композиции во 2017 година на Министерство за култура, во кое тие најавија тужба против Министерство за култура, поради, како што тврдат, неетичка работа и постапки на истото, со свој став излезе и Министерството. Имено, според авторите, кои биле добитници на награди на Конкурсот за откуп на музички композиции во 2017 година на Министерство за култура, никој од нив не добил известување зошто објавата за наградените автори била објавена на 18.01.2018 година на страницата на Министерството, а потоа истиот ден и повлечена. Исто така, тие реагираа бидејќи на никој од наградените се уште не им биле доставени решенија и договори, а од Министерството не можеле да добијат одговор.

Го пренесуваме во целост ставот на Министерството за култура:

Министерството за култура на Република Македонија ја известува јавноста дека Конкурсот за откуп на класични композиции за 2017, објавен на 06.04.2017 година, во весниците „Нова Македонија“ и „Лајм“, се поништува поради административни пропусти во неговото спроведување. Министерството за култура ќе го повтори овој конкурс, а на него ќе имаат право да учествуваат и апликантите од поништениот конкурс. Министерството за култура ќе поведе соодветни дисциплински постапки за службите задолжени за спроведување на конкурсот, со цел да се утврди одговорноста за направените пропусти. Имено, при увид во доставената документација и предлог – одлуката на Комисијата за резултатите по објавениот Конкурс, констатирано е следното: Конкурсот траел до 31.10.2017 година. Во точка 10 од Конкурсот стои дека по Конкурсот ќе се одлучува во рок од 45 дена, а за Конкурсот решение ќе се донесе во согласност со Законот за културата. Резултатите од Конкурсот за секоја одделна категорија ќе бидат објавени до крајот на декември 2017 година. Во Конкурсот стои дека пријавите се доставуваат под шифри за да не се открие идентитетот на авторите до извршениот избор на најдобри композиции. (Точка 6 – начин на доставување пријави на Конкурсот). Согласно Законот за култура, член 65 ставови 2,3 и 4, министерот за култура одлучува по Конкурсот на предлог на Комисијата, со донесување на решенија, а резултатите потоа се објавуваат на веб – страницата на Министерството за култура. Комисијата за разгледување на пријавите од Конкурсот, ги разгледала пријавите и изработила Записник од 29. 12.2017 година – бр.19-11 273/8, во кој ги сумирала резултатите од направената евалуација на доставените пријави. На 18.01.2018 година, по доставена предлог – листа на резултати од страна на комисијата, истите се објавени на веб – страницата на Министерството за култура.
Во овој случај, објавените резултати на веб – страницата се всушност предлози на комисијата а не финални резултати, бидејќи за истите министерот за култура не донел решенија. По увидениот пропуст, објавата беше тргната од веб – страницата на Министерството. Следствено на тоа, објавената информација не претставува објавување на резултати од Конкурсот според законските прописи и затоа истата треба да се смета за неважечка.
Тргнувајќи од констатираните административни пропусти, Министерството за култура го поништува конкурсот заради формално – правни недостатоци и ќе го распише повторно, за што јавноста ќе биде благовремено известена.

Вики Клинчарова

Поврзани новости