Министерството за економија ќе подели 4 милиони евра на домаќинствата за клима –уреди, за да ги намалат сметките за струја и да придонесат за енергетска ефикасност, рече денеска на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
„Од утре ќе објавен јавен повик преку кој Министерството за економија ќе дели ваучери со вредност од 25.000 денари по домаќинство за домаќинствата кои живеат на територијата на пелагонискиот регион и југозападниот регион во кој влегуваат општините Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци и Долнени, Вевчани, Дебар, Дебарца, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга и Центар Жупа. За овие Општини во програмата се определени вкупно 100 милиони денари. Освен овие, другите средства се предвидени за другите градови“, најави Бектеши.
Тој ги повика сите граѓани кои ги исполнуваат условите од утре да аплицираат во Министерството за економија.
Услов за добивање ваучер од 25.000 денари е домаќинствата во изминатите три години да не користеле средства од кој било извор за надоместок на трошоци за грејни уреди, печки на пелети или високоефикасни инвертер клима-уреди, да немаат приклучок на централно градско греење, уредот да го купат во текот на 2024 година, но и купениот уред, за да се избегнат манипулации, задолжително да грее на надворешна температура од минус 15 степени.
Предвидено е да се поделат 7.000 ваучери, но Бектеши рече дека има можност да се зголемат средствата доколку се случи граѓаните да аплицираат, а да се исцрпат предвидените 4 милиони евра.
Ваучер од 25.000 денари по домаќинство е предвиден за општините од пелагонскиот и југозападниот регион, додека за домаќинствата од останатите региони предвиден е ваучер од 23.000 денари.