Министерот за здравство по обиколката на болницата во Штип: Не би се лекувал тука!

by Fokus

Министерот за здравство, Фатмир Меџити денеска беше во обиколка на болницата во Штип. Оттаму излезе згрозен од условите во кои работат неговите колеги и се лекуваат пациенти.

-Ова е многу битна болница, работат доби кадри и не заслужуваат вакви услови за работа. Ги видов просториите – ова не личи на ништо, на 21 век. Ние навистина ќе направиме напори што побргу новата болница да се заврши и здравствените работници да имаат подобри услови за работа и пациентите да добијат подобри услови – рече Меџити.

Не кажа дали новиот краен рок за завршување е 2026 година, но рече дека парите за изградбата се обезбедени од буџетот и овие денови ќе се одлучи како понатаму.

-Парите се во буџетот, има други законски проблеми со фирмата да ги решиме. Нема да кажам краен рок до 2026 година, но овие денови ќе одлучиме како ќе правиме понатаму. мислам многу побргу ќе се изгради болницата – одговори Меџити на новинарско прашање.

Прашан за тоа дали дотогаш очекува до биде министер, д-р Меџити забележа дека тоа не знае.

-Но, знам дека сум потенцијален кандидат да станам пациент, како и сите вие и од тука кога ќе тргнам не знам што ќе се случи. Тоа не зависи од мене. Ако ме прашате дали би сакал во вакви услови да се лечам, ќе кажам не – одговори тој.

Меџити рече една Данска има само 120 здравствени институции, додека ние имаме дури 1.200.

„Јас сум лекар по професија. 23 години работам. Се соочував со истите овие услови, кои се објективни, со кои се соочуваат и моите колеги. Но, она што можам да ви кажам е дека ние како лекари на Клинички бевме многу задоволни што никогаш не ни праќаат пациенти кои не е потребно да бидат пратени. Тука колегите се многу квалитетни“ посочи министерот.

Поврзани новости