Министерот Ставрески не доби извинување, туку нови прашања од СДСМ

by Фокус

Откако министерот Зоран Ставрески побара извинување од портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, и се закани со тужба за клевета, од СДСМ вратија со нова реакција. Од партијата му порачаа на министерот дека тој, министерот Миле Јанакиески, како и премиерот Никола Груевски, требало да одговорат на многу прашања поврзани со германската фирма „Лудвиг Фајфер“, сместена во куќата на министерот Јанакиески.

Од СДСМ претходно информираа дека оваа фирма добила милионски бизнис од македонската влада, склучен во четири очи, а како потписник на еден од договорите го посочија и министерот Ставрески, кој пак ја демантираше информацијата.

„Како се случи фирма што добила милионски бизнис, од сите илјадници куќи низ Прилеп и Македонија, да се смести токму на адресата на министeрот Миле Јанакиески во Прилеп? Како од 4-те фирми на тендерот токму избраната фирма, со постапка на преговарање, се најде во куќата на министерот Јанакиески? Како се случи, во ИПА Извештајот за 2012 година, скандалозно, за проектот Пречистителна станица во Прилеп, да биде констатирано дека “Делегацијата на ЕУ конечно мораше да ја откаже евалуацијата, поради постоење сериозна загриженост за прекршување на доверливоста на процесот?“, прашува СДСМ.

Партијата во поткрепа на тезата за вмешаноста на Министерството за финансии посочи документ достапен и преку веб сајтот на министерството, како и линк до сајтот  на Европската комисија, каде што и на документот за поништување на тендерот, и на документот за избран изведувач, под договорен орган стои Министерството за финансии, порача СДСМ.

„Дали Зоран Ставрески е министер за финансии во Република Македонија?“, прашуваат од СДСМ.

 

Поврзани новости