Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, денеска даде отчет за сработеното во првите сто дена. Тој рече дека во изминатите 100 дена Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја одблокира исплатата на субвенциите, за три месеци исплати 60 милиони евра за субвенции, распиша два огласа за доделување државно земјоделско земјиште под закуп за површини до 3 хектари и над 3 хектари, го продолжи рокот за аплицирање за субвенции за Програмата за финансиска поддршка за 2017 година и рокот за аплицирање за ИПАРД 2 Програмата.
-Ги скративме непродуктивните трошоци, како што се тековните расходи и договорните услуги. Уште во првите три месеци плативме дел од заостанатите долгови за членарини во меѓународните институции, кои нудат огромна техничка и финансиска помош за развојот на македонското земјоделство. Со плаќање на заостанатите долгови за консултантски услуги за Проектот Јужно вардарска долина втора фаза, ја откочивме реализацијата на овој проект, кој е од витално значење за наводнувањето и со кој што ќе бидат опфатени 4.000 хектари за наводнување, рече Николовски.
Министерот додаде дека почнат е процесот на инвентаризација, односно попис на шумскиот фонд.