Изборот на Специјалниот обвинител, што е дел од преговорите на работните групи за спроведување на политичкиот договор, нема да може да се реалзиара со подзаконски акти, туку со усвојување на посебен закон, вели за „Алсат М“, министерот за правда, Аднан Јашари. Според него, со таков закон би се утврдиле и одговорностите на обвинителот, за да нема конфликт на надлежности со Јавното обвинителство.
Министерот за правда, Аднан Јашари, смета дека уредувањето на работата на Специјалниот обвинител со подзаконски акти, што е една од опциите кои се дискутираат на работната група, би довело до конфликт на надлежности и пречки во работата на овој обвинител. Според Јашари, најдобрата форма за обезбедување на целосна автономија на обвинителот, би било усвојување на нов закон за Специјалнен обвинител. Доколку четирите политички партии кои преговараат не покажат волја за ова, Јашари препорачува да се смени актуелниот Закон за Јавно обвинителство и да се прецизираат прашањата за функционирањето на Специјалниот обвинител.
-Можеме да дојдеме во ситуација кога за време на своите активности, Специјалниот обвинител ќе се соочи со конфликт на надлежности и конфликт во процедурата. Затоа мислам дека моментално најдоброто решение би било усвојување на Специјален закон. Доколку евентуално не се постигне оваа варијанта, останува да се смени актуелниот Закон за Јавно обвинителство, врз основа на кој би се прецизирале или би се конкретизирале прашањата со надлежностите на Специјалниот обвинител, одговорноста на обвинителот, процедурата на Специјалниот обвинител и други прашања кои се поврзани со функционирањето, организацијата, но и именувањето, односно неговото избирање”, изјави министерот за правда Јашари за Алсат М.
Министерството за правда веќе има изготвено нацрт правни верзии за трите можни опции за уредување на работата на Специјалниот обвинител. Подготвените верзии ѝ се доставени на работната група која треба да постигне политичко решение меѓу трите предложени верзии.
Главната задача на Специјалниот обвинител ќе биде истражување на аферата со прислушуваните разговори и случајот „Пуч“.