По обвинувањата на СДСМ, дека во куќата на министерот Миле Јанакиески е сместена германската фирма, „Лудвиг Фајфер“, која од Владата добила милионски бизнис, склучен во четири очи, со реакција се јавија од Министерството за транспорт и врски.
„Денеска е третиот ден од пародијата на СДСМ и ширењето на манипулации за наводен скандал направен од страна на министерот Миле Јанакиески. Сакаме да му порачаме на правникот Петре Шилегов да не ја манипулира македонската јавност со смешни прес конференции, доколку тој и неговата партија сметаат дека поседуваат докази за наводна злоупотреба на службената должност од страна на министерот Јанакиески, да ги достават до надлежните институции, се вели во реакцијата на министерството, од каде што го повикуваат Шилегов да одговорел, за како што велат“, матните зделки што ги правел тој и неговите шефови.
Во реакцијата од министерството истакнуваат дека во дворот на куќата на министерот била поставена табла на фирмата, потенцирајќи дека никој ништо не криел. Од таму додаваат и дека најостро ги демантираат обвинувањата од Шилегов.
„Германската компанија која го реализира проектот Рехабилитација и продолжување на канализациона мрежа во Прилеп на 12.07.2013 година го потпишала договорот со ЦФЦД, а на 07.08.2013 година и со ЕУ. Договорот за закуп за куќата е склучен на 01.09.2013 година, што значи дека, изведувачот прво склучил договор со Европската Комисија па потоа и за закуп за куќата. Каде Шилегов овде гледа скандал?“, прашуваат од министерството.
Од министерството додаваат и дека овој проект немал никаква врска со ресорот транспорт и дека Министерството за транспорт и врски со кој раководи министерот Јанакиески нема никаква поврзаност со договорот за Проектот за рехабилитација и продолжување на канализационата мрежа во Прилеп.
Шилегов на денешната прес конференција, пак, истакна дека германската фирма „Лудвиг Фајфер“ која е сместена во куќата на министерот Јанакиески, во Прилеп, тендерот за изградба на Пречистителна станица во Прилеп го добила во директна спогодба, откако претходно тендер за станицата бил поништен.