Интеграцијата на Западен Балкан во Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на Европската унија и учеството на Македонија во таа област, биле во фокусот на дискусиите на денешната средба на министерот за надворешни работи Никола Димитров со делегација на претставници на Фондацијата „Конрад Аденауер“, која е во посета на Македонија.
Министерството за надворешни работи соопшти дека Димитров ја истакнал важноста на интеграцијата и придонесот на Балканот во ЗНБП на ЕУ, како клучно прашање во заедничката борба против денешните безбедносни закани и поддршката на позициите на Унијата во нејзината надворешна политика.
Шефот на македонската дипломатија ги информирал присутните и за активното учество на Македонија во оваа област, пред се, со придружувањето на државава кон декларациите на ЕУ во однос на различни меѓународни прашања, како и со учеството во мисиите предводени од ЕУ во рамки на нејзината Заедничка безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП).
– Кон декларациите и ставовите на ЕУ не се придружуваме само затоа што имаме европски аспирации. Пред сè, тоа го правиме затоа што веруваме во европските вредности, во мултилатерализмот и во меѓународниот правен поредок и цивилизациските достигнувања. Во време кога меѓународниот систем се соочува со предизвици, наша должност е да имаме јасен став, навел Димитров.
Делегацијата од Фондацијата „Конрад Аденауер“ престојува во Скопје како организатор на Регионалната конференција за Југоисточна Европа/Западен Балкан „Balkan Calling Europe”.