Цртичките за државјанство во изводите не се ништо ново

by fokus 18:45
18:45

Во јавноста во последнава недела се појави незадоволство дека во новоиздадените изводи од матична книга на родени и венчани било избришано државјанството, односно во графата на државјанството стојат коси цртички и ова беше поврзувано со преговорите за името со Грција. Сепак, не станува збор за бришење, туку за пракса која се применува уште од осамостојувањето на Република Македонија за лицата родени пред 1992 година.

Имено, до 1991 година додека Македонија беше дел од Југославија во графата државјанство стоеше „СФРЈ“, додека по осамостојувањето „Р. Македонија“. По осамостојувањето за сите лица кои се родени пред 1992 година во графата државјанство стојат цртички, односно „////“. Ова за Фокус го потврдија од Управата за водење на матични книги.

- Advertisements -

-До осамостојувањето на Р.Македонија, поконкретно до 1991 година  во матичните книги на родените како податок за државјанство се запишувало “СФРЈ”, додека од 1992 година и сеуште при запишување на дете во матичната книга на родените во графата државјанство се запишува “Р.Македонија”. Согласно горенаведеното изводите што се издаваат за лица родени пред 1992 година во графата државјанство се пишуваат коси црти, додека изводите за децата кои се родени по 1992 година во графата државјанство се пишува Р.Македонија, се вели во објаснувањето од Управата.

Согласно став 1 од членот 23 од Законот за државјанство на Р.Македонија, Државјанство на Република Македонија се докажува со важечка лична карта или патна исправа.

Согласно став 2 од членот 23 од Законот за државјанство пак, Државјанството на Република Македонија се докажува и со Уверение за државјанство на Р.Македонија кое врз основа на евиденцијата во смисла на член 22 став 1 од Законот за државјанство го издава Министерството за внатрешни работи. Изводот од матичната книга на родените не преставува доказ за државјанство на Република Македонија.

К.С.

Поврзани новости