Министерката за енергетика вели дека Србија нема да има проблеми во снабдувањето со нафта

by fokus

Министерката за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ по одлука на ЕУ за осмиот пакет санкции против Русија, која се однесува и на Србија, бидејќи во неа е опфатена забраната за увоз на руска нафта преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ), изјави дека веќе е познато дека по 1 ноември годинава Србија нема да може да се снабдува со руска нафта и дека српските рафинерии и нафтени компании по тој датум ќе се снабдуваат од слободниот пазар.

Таа рече дека пазарот ќе се снабди и нема да има проблем во испораката на гориво. Михајловиќ не сакаше директно да ги коментира медиумските написи дека Хрватска, заедно со некои други земји-членки на ЕУ, спречила во осмиот пакет санкции Србија да не биде изземена од забраната за увоз на нафта од Руската Федерација.

-Информацијата за тоа дека Србија нема да може да увезува руска нафта од 1 ноември не е од вчера, ние наеднаш ја видовме во медиумите како да таа се појави вчера. Веќе во мај имаше јасна најава и јасен знак дека со овој пакет санкции, Србија нема да може да увезе руска нафта. Тогаш веќе рековме дека Србија увезувала малку руска нафта, малку неруска, делумно имала и српска нафта, околу 20 отсто, а во тие граници имаше и до 50, а понекогаш и 30 отсто руска, се зависеше од цената на нафтата, изјави Михајловиќ.

Таа додаде дека во моментот кога започна војната во Украина, руската нафта имала пониска цена, па и Нафтената индустрија на Србија (НИС) увезувала повеќе руска, а помалку неруска нафта.

-НИС за ова се подготвува со месеци. Затоа, ќе увезува само неруска нафта, значи 80 отсто, а 20 отсто ќе биде српска Велебит нафта, која е една од најквалитетните. Дали некој спречил или не, не сметавме на тоа, туку сметавме дека од први ноември нема да имаме можност да увезуваме руска нафта, и наша задача беше да се подготвиме за тоа, изјави Михајовиќ.

Целата сурова нафта што Србија ја увезува доаѓа со танкер до Омишаљ на Крк и оттаму преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ) се транспортира во Србија до рафинеријата во Панчево каде што се преработува. До пред неколку месеци, Србија речиси две третини од нафтата добиваше од Ирак – околу 45 отсто од вкупниот износ на увозот. Од Казахстан доаѓаа 10 отсто од нафтата и околу 1 отсто од Норвешка. Од Русија со танкер пристигнуваа во просек од 16 до 20 отсто од потребите на Србија. Министерката Михајловиќ кон средината на септември изјави дека Србија обезбедила замена за руската нафта која од 1 ноември нема да може да ја увезува поради шестиот пакет санкции на ЕУ кон Русија.

Таа тогаш рече дека од почетокот на војната, од крајот на март, руската нафта е прилично евтина и дека НИС повеќе ја увезуваше, така што во структура од почетокот на годината изнесуваше 55 отсто од руската нафта.

Како што пишува Еуроњуз Србија, во шестиот пакет санкции има исклучоци, но не и за Србија, туку за членките на ЕУ кои се снабдуваат со руска нафта преку нафтовод. На пример, Унгарија и Словачка можат да продолжат да се снабдуваат со руска нафта преку нафтовод, но наскоро повеќе нема да можат да ги продаваат дериватите добиени на овој начин. Меѓу исклучоците е Бугарија. Министерството за енергетика на Србија претходно најави дека ќе работи на зголемување на залихите со цел земјата да биде поотпорна на промените на пазарот.

Поврзани новости