Клучот за спорните здруженија е во Државниот управен инспекторат, а не во нови советодавни тела

by fokus

Утре во Охрид ќе се отвори уште еден, како што основачите го нарекуваат, бугарски културен клуб во Македонија, и тоа повторно со спорно име. Станува збор за здружението „Цар Борис Трети“,  соработник на Хитлер во Втората светска војна.

Ова е уште едно здружение во низата на здруженија со спорни историски имиња, по „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Фердинанд“ во Богданци, кое е во фаза на регистрација.

Пред три дена пак, министерот за правда, Никола Тупанчески најави дека наскоро со работа треба да започне Советодавното тело за употреба на имиња на историски личности на здруженија, кое треба да се произнесе за овие спорни регистрации.

Професорот Борче Давитовски кој учествувал во изработката на Законот за здруженија и фондации во изјава за „Фокус“ објаснува дека со актуелните законски решенија може да се спречи регистрацијата на здруженија со вакви спорни имиња и нема потреба од никакви посебни комисии и советодавни тела.

Клучот лежи во членот 4, став 2 кој гласи:

„Се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица.“

Решението се наоѓа во член 4, став 2, односно за што не може да се формираат здруженија. За спроведување на Законот се грижи Државниот управен инспекторат. Ако некое здружение е регистрирано, а е спротивно на член 2, тогаш Државниот управен инспекторат може во секое време да му го поништи уписот, односно решението на Централниот регистар. И да наложи  Ценрален регистар да ги избрише и името треба да биде сменето, вели професорот Борче Давитковски.

Тој додава дека не му се јасно зошто се формираат советодавни тела, чиишто мислења не се обврзувачки. Потребно е само креативно толкување на Законот.

Централен регистар и Државен управен инспекторат треба да ги толкуваат законите. Што ако тоа советодавно тело даде мислење дека такво здружение не може да биде регистирано? Тоа мислење никаде не е обврзувачко. Така проблемот не се решава. Како рекол Черчил: Ако не сакаш да ја завршиш работата, формирај комисија.
Не може некој ако формира здружение Пиноче или Хитлер, ние да викаме историчари да кажат дали тие биле фашисти, диктатори…  Не може да се направи именик на забранети имиња, затоа треба креативно да се толкува Законот, вели професорот.

Тој заклучува дека процесот е чисто административна работа и нема потреба од вклучување на Обвинителството, туку потребно е постапување на Државниот управен инспекторат согласно постоечкиот Закон.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости