Минималната синдикална кошничка за септември 2023-та изнесува 48.379 денари

by Fokus

Вредноста на Синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство за септември 2023-та изнесува 48.379 денари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Во споредба со претходниот месец, минимална синдикална кошница е намалена за 966 денари.

– Со зголемувањето на ДДВ на истите тие производи, повторно ќе дојде до зголемување на вредноста на потрошувачката кошничка, односно претходната мерка на загарантирани цени на основните прехранбени производи нема да има никаков ефект. Затоа, ССМ бара од Владата сериозно да ја ревидира и коригира листата на производи кои се дел од секојдневието на граѓаните и за истите да ја врати стапката на ДДВ од пет проценти – потенцираат од ССМ.

Истакнуваат дека одлуката за определување стапка на ДДВ која ќе се зголеми од 5 на 10 отсто, е непромислена и несоодветствува на реалните состојби на сиромаштија и зголемени трошоци за живот.

– Предлагаме ДДВ-то од 10 отсто да остане само за оние луксузни прехранбени производи кои се купуваат од мал број граѓани и се консумираат ретко. Доколку остане оваа листа на предложени прехранбени производи чии износ на ДДВ се зголемува на 10 отсто, за луксуз ќе се сметаат и производи за секојдневна употреба како што се: сирењето, конзервирана храна, гриз, чај и друго – велат од ССМ.

Сојузот на синдикати на Македонија потсетува дека, според последниот податок на Државниот завод за статистика, објавен во 2020 година, 21,8 отсто од населението е сиромашно.

Поврзани новости