Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, со приказна со морбидна и заканувачка содржина алудира на настаните во Собранието. На својот фејсбук профил Милошоски од Турција напиша поучна приказна, како што вели, како постапил султанот кога османлиите сакале да го освојат Цариград, а не можеле никако.
„Султанот Мехмед II со многу злато ги поткупил трговците од Цариград, да му кажат од каде да нападнат, за да го освојат.
Ги поткупил со голема количина злато, а тие му го кажале послабо обезбедениот дел од градот каде е полесно да нападнат.
Кога Османлиите го освоиле Цариград, Султанот ги собрал оние кои ги поткупил со златници и наредил да им ги отсечат главите, а златото со кое ги поткупил да им го стават во гробовите. На тоа се зачудиле османлиските генерали и прашале: „Султане, тие ни помогнаа да го освоиме Цариград, зошто им ги сечеш главите?”
Султанот на тоа одговорил: „кога тие СВОЈОТ НАРОД го продадоа за пари, замислете што може да ни направат нам”!?“, пишува тој.
Останува на Основното јавно обвинителство и на полицијата да утврдат дали пораката на Милошоски содржи закани и говор на омраза.