Мијалков се спаси преку седумтемина пратеници, сега сака да го симне Мицкоски, а да го постави Јанчев?

by fokus

Членови на ВМРО-ДПМНЕ веруваат дека е возможно наскоро да се одржи вонреден конгрес на партијата, на кој ќе дојде до промена на партискиот лидер.

-Преку овие седум пратеници Мијалков го „спасува својот газ“, а воедно ја погреба и Република Македонија – вели поранешниот претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Делчево, Драган Христов.

Според него претстои сценарио за оставка на Христијан Мицкоски преку вонредниот конгрес и поставување на Митко Јанчев за претседател на партијата.

„Христијан Мицкоски, кој одлучна застана во одбрана и против промена на името и расчистување со старите кадри контролирани од Сашо Мијалков и еднаш засекогаш да ја избрише дамката од минатото и да го врати угледот на партијата. Христијан Мицкоски застана против амнестијата за поранешното раководство и не прифати никаков компромис да преговара со цел да поддржи промена на уставното име. Сашо Мијалков преку овие 7 послушници, соработувајќи до СДСМ и други фактори за да го „спаси својот газ“ и своите бизниси директно влијаел на исходот кој се случи во Собранието. Симптоматично е што баш сите пратеници, вклучувајќи ги овие 7, до последен момент го уверувале Мицкоски дека нема да гласаат за договорот“, напиша Христов на својот фејсбук профил.

Игор Аврамовски Александров, претседател на Здружението на македонски заедници од Австралија на својот профил, пак, вели дека утре ќе се одржи Централен Комитет на ВМРО-ДПМНЕ на кое „мијалковото крило“, како што вели, ќе го симне Мицкоски.

„За утре на Централен Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Мијалковото крило (оркестратор на Црниот Петок) што ги води осумте предавнички пратеници, подготвува смена на Христијан Мицковски, односно негова оставка преку притисоци и разочарување. Апелирам до сите искрени противници на Преспанскиот договор да изразат солидарност со Мицковски на секаков можен начин, почнувајќи од социјалните мрежи, за и тој и пучистите да се уверат дека зад неговиот принципиелен отпор стои и ќе стои сериозна маса. Оставете ги докажувањата кој е најголем патриот за други прилики. Делувајте конструктивно пред бројката од наводни 80 да стане преку 100“, напиша тој.

Поврзани новости