Пратеникот и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски го доби своето четврто дете, ќерката Илина. Неговата сопруга Симона се породила спонтано, во клиниката Аџибадем Систина, а Милошоски ја сподели радосната вест со јавноста.
За ,,Фокус” вели дека целото семејство е пресреќно поради приновата, а најрадосни биле братчето Давид и сестричките Дариа и Михаела.
-Илина, славејче наше, ела пиринска… Благодарни сме на Господ за благословот, породувањето помина во ред, во пет часот утринава, а Илина има 1.950 грама. Заедничка желба со сопругата ни беше да и дадеме убаво македонско име, а Илинден да и биде именден – вели Милошоски.
Тој никогаш не криел дека семејството и децата за него се нешто свето и најважно во животот, и често пати на социјалните мрежи споделува заеднички моменти со семејството, додека игра или спортува со децата, додека ги храни, додека планинарат заедно…
На прашањето дали наскоро ќе одат и на петто дете, вели дека не знае што може да донесе животот.
-Среќни сме со четири, да се живи и здрави. За понатаму, ќе видиме што ќе ни донесе животот – изјави пратеникот.
Вики Клинчарова