Милошоски: Покрај телефонот на Боки 13, да се вештачи и телефонот на Заев

by fokus

Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција побара обвинителството да спроведе истрага по завршните зборови на Бојан Јовановски-Боки 13 и за лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Тој се повикува на изјавата на Боки 13 кој тврдеше дека поранешниот премиер Зоран Заев му рекол оти СЈО направило лошо со отворање на случајот „Империја“ бидејќи Орце Камчев имал под контрола 3 пратеници, а Сашо Мијалков повеќе, за да гласаат за уставните измени.

„Она што исто така сметам дека во овој случај е битно е дека во телефонот на првообвинетиот во случајот ‘Рекет’ се тврди дека постои СМС-порака од 16 април минатата година каде што господинот бивши премиер Зоран Заев на првообвинетиот му испраќа порака: ’Дојди да се видиме и ќе ги соочиме доказите‘. Се поставува прашањето како дошле доказите за ‘Рекет’ до бившиот премиер Зоран Заев на 16 април минатата година, кога истиот Зоран Заев тврдеше дека пријавата за ‘Рекет’ ја направил на 2 мај? Дали тоа значи дека доказите од обвинителството прво одат на проверка во владата на СДСМ и кај Зоран Заев, а дури потоа одат во судница?“, рече Милошоски.

Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ апелира да се извештачи телефонот и на Боки, но и на Зоран Заев.

Милошоски пак е еден од осомничените на СЈО, во истрагата Моќник, која неодамна заврши и веќе се подготвува обвинение.

Поврзани новости