Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, одбива да открие како ги добил податоците за дијагнозата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која неколку дена беше на боледување. Милошоски на својот фејсбук профил објави фотографија од дневникот на прегледи од ординацијата на лекарот кој и го отворил боледувањето на Јанева.
Прашан денеска од каде му се информациите, Милошоски само одговори дека тоа што го објавил е од јавен интерес.
-Премиерот Заев наметна нова демократска култура, кога станува збор за прашања од јавен интерес добро е да се споделат со јавноста. Би ѝ дал шанса на обвинителката и на ФЗО да потврдат, демантираат и објаснат како се добиваат 30 денови боледување без лекарска комисија. Злоупотреба е незаконското боледување, што создава сомнежи дали е реално или наменско – рече Милошоски.
Објавувањето на вакви податоци е нарушување на приватноста, но Милошоски се сомнева дека боледувањето е подготовка за некое идно евентуално одложување на мерка притвор.
Инаку, Јанева го отвори боледувањето во ист ден кога ја поднесе и оставката, што се поклопи со приведувањето на осомничените во случајот „Рекет“.