Строго доверливите материјали Антонио Милошоски ги добил на 25ти јули од Кабинетот на Иванов по негово писмено барање – потврдуваат од кабинетот на претседателот за Телевизија 24. Велат дека му биле доставени по куриска служба.
-На писмено барање од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија за достава на списи и документи поврзани со разликата околу уставното име на Република Македонија, на 25.07.2018 година со курирска служба му се доставени 2 документа класифицирани “СТ” строго доверливо, со писмена назнака да се постапува со нив во согласност со Законот за безбедност на класифицирани податоци. Секој е должен и одговорен да постапува согласно безбедосните протоколи, да ја чува државната, службената, воената и деловна тајна без разлика дали има, нема или му е истечен безбедносниот сертификат. Го охрабруваме Јавното обвинителство да отвори и води постапки за сите случаи каде има јавна објава на класифицирани податоци, велат од Кабинетот.
Безбедносниот сертификат на пратеникот Антонио Милошоски е во процес на обновување. Во предворје на третиот обид да заседава комисијата за надворешна политика, тајните материјали за преговорите за спорот со името од лидерските средби кај претседателот Иванов, се уште се недостапни за пратениците. Милошоски во телефонска изјава потврдува дека не поседува безбедносен сертификат и вели дека сега е важно класифицираните документи да се достапни на пратениците, во спротивно смета дека власта нешто крие.