Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на информациите дека е еден од потенцијалните кандидат на партијата за претседател, вели дека во следниот период ќе размисли дали да се пријави на огласот на партијата.
-Не сум се пријавил на огласот. До 31 јануари има некое време и во следните денови ќе почнам да размислувам на таа тема. Во моментов не би коментирал – изјави Милошоски во интервју за МКД.мк.
Тој вели дека е спремен да излезе на протестот пред Собранието против уставните измени, на кој му се приклучи и раководството на партијата.
-Мислам дека кога не функционира системот и процедурата во самите институции како што е Собранието, тогаш протестот станува демократска алатка преку која го изразувате своето мислење кое на друго место ви е ускратено и сметам дека овие протести заслужуваат поддршка – додава Милошоски.
Иако дистанциран од врвот на партијата, Милошоски вели дека соработува со партискиот лидер, Христијан Мицкоски, со кој, вели, има редовна комуникација.
Во врска со поранешниот лидер, Никола Груевски, кој избега во Унгарија, Милошоски вели дека нема комуникација и дека последен пат контактирале пред околу една година.