Министерството за надворешни работи предводено од Никола Димитров за амбасадорското место во Тел Авив го предложило профеосорот на Правниот факултет Мишо Докмановиќ, кој бил дел од комисијата која доделила стипендија за образование во странство на ќерката на министерот, обвини пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милишоски. Според него, станува збор за судир на интереси.
-Невообичаено за администрација, комисијата се состанала веднаш, истиот ден кога е формирана и по итна постапка го разгледала и одлучила по барањето на ќерката на Димитров да ѝ биде доделена државна стипендија во висина од 40.000 евра за секоја година од студиите во Холандија, на Универзитетот во Утрехт. Со одлуката за доделување на споменатата стипендија, Комисијата овозможила член на семејството на министерот Димитров да оствари приватен интерес и материјална корист, па затоа постои основано сомнение дека остварувањето на ваквиот значителен приватен интерес за семејството на Никола Димитров влијаело врз (не)пристрасното вршење на неговите министерски овластувања кога тој одлучил на владата да и го предложи токму професорот Докмановиќ, а не некој друг, за амбасадор во Тел Авив – рече Милошоски.
Тој смета дека за овој случај, согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси, антикорупциската комисија треба по службена должност да покрене постапка за утврдување на судирот на интереси на релација Димитров-Докмановиќ и нивната взаемно остварена корист. До завршувањето на таа постапка, според него, претседателот Стево Пендаровски треба да се воздржи од потпишување на указ за ополномоштување на професорот Докмановиќ за амбасадор во Тел Авив.