Поздраво за ВМРО-ДПМНЕ ќе биде прво да се распушти коалицијата “За подобра Македонија” и да се почне од ново, или истата драстично да се редуцира, смета Антонијо Милошоски, пратеник од редовите на ДПМНЕ, чии предизборни коалициски партнери постепено почнаа да преминуваат во таборот на СДСМ.
„ВМРО ДПМНЕ треба да ја поддржи идејата за една изборна единица и на тој начин како носечка партија да се ослободи од нужноста да влече во коалицијата партии кои не се релевантни, а преку поголемите партии стануваат некои фактори во Собранието или во советите. Со една изборна единица нема да има голема потреба од предизборни коалиции, секоја партија ќе може да се измери колку и тежи довербата, а потоа во Собрание да се коалицира на основа на програми и интереси, наместо после избори да се менуваат коалициски дресови и на тој начин да се изигрува вољата на гласачите“, напиша Милошоски на неговиот фејсбук профил.
Тој му порачува на раководството на неговата партија да преземе неколку итни чекори: билатерални средби со раководствата на сите коалициони партии за да се расчисти со кого партијата е во коалиција, да се изготви извештај од сите општински комитети за состојбата на коалицијата на локално ниво и за дејствувањето на коалиционите советници и извештај од пратеничката група за заедничкото или одвоеното функционирање на пратениците од коалиционите партии, како и да се свика ЦК за да се утврди фактичката состојба на коалицијата и одговорност за новонастанатата состојба.
„Дали тоа се должи на погрешни потези на ВМРО-ДПМНЕ или на несоодветни дејствија на коалиционите партнери или како резултат на други влијанија (притисоци и уцени од власта, смена на партиските водство и политики и сл.), за да може да се извлечат заклучоци и поуки за основите и потребата за коалицирање или некоалицирање со некои партии во иднина“, порачува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.