Текстот е објавен на 18. јануари 2013 година во неделникот „Фокус“.
Пишува
Стојан АНДОВ
Можно ли е, воопшто, да се зачува сериозен и одговорен однос кон случувањата во нашата политичка сфера денес? Може ли воопшто граѓанинот да дојде до некоја појасна претстава за реалноста од онаа што ја добива од нашите медиуми? Има малку медиуми што денес не се рака под рака со власта и особено со раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Ако се читаат или слушаат медиумите, тешко ќе може да се препознае, дали автор на некој текст е професионален новинар, кој заталкал во политиката, и затоа е задолжен белото да го прави црно, а црното бело, за да се појави розовата слика за власта и ВМРО-ДПМНЕ, или, пак, тоа е некој што не е новинар, туку е член на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Во нашите медиуми, ранг на член на раководството на ВМРО-ДПМНЕ имаат членовите и блиските до нив во партијата и при врвот стојат формално не-членови на ВМРО-ДПМНЕ, туку професионални новинари. Овие другите се дури и побројни од членовите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Тие сигурно имаат свои причини што толку упорно ѝ слугуваат на оваа партија. Тезите што ги лансираат членовите на ВМРО-ДПМНЕ слугански ги одработуваат тие новинари, а редакциите, особено на некои од дневните весници, избираат писма од навидум независни читатели, кои на груб начин ја фалсификуваат вистината и настојуваат да ја „збришат” опозицијата.
Ете, дваесет и две години од повеќепартискиот живот во Македонија, обновена е и некогашната рубрика во „Политика”, популарната „Одјеци и реаговања”, во која читателите од Мала Крсна, Печеневци и од други градски и селски средини, „сосема спонтано”, со метла ја чистеа опозицијата на Милошевиќ. Таква е сега нашата јавна сцена, со малубројни исклучоци. Таков е и ликот на нашата денешна демократија.
Иако политичарите од опозицијата имаат многу стеснет медиумски простор за своите настапи, тие многу ги лутат новинарите и членовите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, ако се обидат да ја споредат сегашната власт со некоја репресивна власт од минатото во некоја земја во Европа или надвор. Во таква ситуација, поединци од раководството на ВМРО-ДПМНЕ и новинари што суштински го имаат истиот статус, вистински побеснуваат и тргнуваат во директна пресметка со намера дефинитивно да расчистат со своите опоненти.
Така, неодамна, обраќајќи се кон Црвенковски, Груевски го спореди својот опонент со поранешниот либиски лидер Гадафи, нарекувајќи го македонски Гадафи. Во едно соопштение од генералниот секретар на таа партија, таа теза се повтори и се доработи. На повеќе новинари тезата им се омили. Во еден мој настап, реков дека Црвенковски не ги исполнува условите за да биде македонски Гадафи, бидејќи е во опозиција, а македонски Гадафи може да биде оној што ќе ја приграби целата власт во нашата држава.
Видоа колку е глупава таа теза и сите што дотогаш ја повторуваа, сфатија дека си местат стапица и заборавија на неа. Таква е вредноста на најголем дел од тезите и пораките што ги упатуваат членовите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и што тие самите во своите колумни и новинарите што им слугуваат сакаат да им ги наметнат на граѓаните, сметајќи ги и нив крајно глупави.
Интересен е пристапот на пратеникот Влатко Ѓорчев, во неговата колумна во „Дневник” од 12 јануари оваа година. Тој, критиките упатени кон ВМРО-ДПМНЕ од страна на политичката опозиција во земјата, сака да ги обезвредни, толкувајќи ги како тие луѓе да глумат дека се напатени дисиденти. Па така вели: „Зарем еден Ацо Петрески од Охрид можеме да го споредиме со еден Иван Стамболиќ? Зарем Бранко Црвенковски еден грам потсетува на Зоран Ѓинѓиќ?”. И така ги реди Вацлав Хавел, Вук Драшковиќ и други истакнати личности, што во своите земји ѝ се спротивставиле на власта, истакнувајќи дека тие имале право, бидејќи биле дисиденти, а сега Тито Петковски, Бранко Црвенковски, Зоран Дамјановски и други го немаат тоа право, бидејќи не се дисиденти, затоа што сегашната власт не е репресивен режим.
Овој текст на Ѓорчев е интересен, бидејќи ја одразува менталната матрица на неговата генерација во ВМРО-ДПМНЕ. За нив е сосема вообичаено и демократски, ако некој од нив му каже на својот опонент дека ,,ќе го спружи на првата страница!”. Затоа, треба да се посвети поголемо внимание на овој текст на Ѓорчев.
СУДБИНАТА НА МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ СТАМБОЛИЌ
Ивица Стамболиќ добро го познавав. Тој и Брана Икониќ ми беа добри пријатели. Неколку дена после Осмата седница во 1987 година, кога во Сојузот на комунистите на Србија, а тоа значи и во цела Србија, Милошевиќ ја заграби власта, го посетив Брана Икониќ кој тогаш беше претседател на Скупштината на Србија. Тој беше еден од осумте членови на ЦК на Србија кој гласаше против Милошевиќ. Му предложив да го чуеме по телефон Иван Стамболиќ, за да видиме како ги доживува последните настани. На повикот од Икониќ, Стамболиќ рече дека веднаш ќе дојде кај нас. Прилично расположен Ивица ни кажа дека тоа утро имал подолг разговор со Милошевиќ и дека прецизно се договориле: Слободан да ја води партијата, Стамболиќ да не му се меша, а тој да го води Претседателството на Србија, но Милошевиќ да не му се меша.
Мене ми изгледаше дека Стамболиќ верува во тој договор. Му реков дека тоа нема никакво значење, затоа што целата власт е кај Милошевиќ и тој ќе се пресмета со него (со Стамболиќ). Со поголема внимателност истото го кажа и Икониќ. Неколку дена потоа, почна политичката борба под раководство на Милошевиќ, што имаше за цел да го принуди Стамболиќ да поднесе оставка на функцијата претседател на претседателството на Србија. Стамболиќ ја издржа таа битка, не даде оставка. По неколкумесечен отпор, беше избран еден нов член во Претседателството во Србија и со тој чин Милошевиќ обезбеди мнозинство во тоа тело.
Наскоро, без многу викотници, Стамболиќ беше сменет. И покрај жестоката кампања против Стамболиќ, многу стопанственици од Србија и од Југославија побараа тој да биде избран за директор на Југословенката банка за меѓународна економска соработка (ЈУБМЕС). Режимот на Милошевиќ речиси цела година не даваше согласност, а без согласност на сите републики и покраини, не беше можно Ивица Стамболиќ да биде избран за директор. Сепак, дојде таа согласност и во потполна тишина во јавноста, тој беше избран.
Како директор на ЈУБМЕС, Ивица Стамболиќ ми дојде на гости во Багдад два пати: есента 1989 и пролетта 1990 година. Тој, всушност, со себе водеше бројна делегација од банката. Нашите пријателски односи тој ги искористи за да може да се одвои од другите членови на делегацијата, прифаќајќи ја мојата покана да биде на појадок, ручек и вечера кај мене во резиденцијата, за цело време на престојот на делегацијата во Багдад. Ме замоли на тие наши заеднички седенки да не присуствува никој друг, ниту од неговата делегација, ниту од персоналот на амбасадата. И првиот и вториот пат посетата му траеше по четири дена.
Од нашите долги и исцрпни разговори главен впечаток ми беше дека тој има чувство како да е демнет од бројните информатори инсталирани од апаратот на Милошевиќ. За тие наши разговори делумно пишував во мојата книга ,,На мој начин”, а поопширно ќе се осврнам на нив во книгата што ја подготвувам. Овде треба да кажам дека Ивица Стамболиќ, освен во прилики како што беше таа во Багдад, т.е. кога тој има целосна доверба, никаде во ниту една друга средина не зборувал за политика и ниту на еден начин не даваше на знаење дека било каква мисла во неговата глава е упатена кон некое негово враќање на власт. За секој случај, и не така честите негови одења на лов со другари и пријатели. наполно ги откажал.
И покрај целата негова предострожност, само поради стравот од сликата за него што останала во паметењето на народот и затоа што некој некаде, невнимателно рекол дека Иван Стамболиќ може да биде противкандидат на изборите во 2000 година, откако тоа допрело до некои средини на режимот, доведе до ужасната смрт на овој виден српски политичар. Режимот на Милошевиќ покажа ужасен сензибилитет кон малку веројатната, но сепак можна повторна појава на Стамболиќ на политичката сцена на Србија.
Инаку, Иван Стамболиќ го воведе и долго го влечкаше со себе Слободан Милошевиќ во српската политика. Тој веќе беше истакнат политичар и стопански раководител, кога за прв пат се слушна во јавноста за Милошевиќ. Тоа се случи кога Милошевиќ, како студент на Правниот факултет во Белград, во јавната расправа за нацртот на југословенскиот Устав од 1963 година, даде предлог со трајно значење. Имено, во нацртот беше предвидено дотогашната ФНРЈ да се вика ФСРЈ. Милошевиќ предложил земјата да не се вика ФСРЈ туку да се вика СФРЈ, објаснувајќи дека федеративниот карактер на земјата не може да биде пред нејзиниот социјалистички карактер. Тој негов предлог без поширока расправа беше усвоен од Уставната комисија, иако веќе тогаш се видоа симптоми за недоверба во умот на Милошевиќ во федеративниот карактер на Југославија.
Последната битка што Иван Стамболиќ ја водеше за да му помогне на Милошевиќ се одигра во подготовките за Конгресот на СК што се одржа 1986 година. Тогаш Ивица Стамболиќ, поддржан од стариот српски политичар Петар Стамболиќ, инаку негов вујко, го победи Драгослав Марковиќ-Дражо и овозможи Слободан Милошевиќ да биде избран за прв човек на СК на Србија. Целиот тој позитивен напор од Стамболиќ, неговата грижа и помош за напредок на Милошевиќ, овој го згази за два дена во септември 1987 година, а во критичната 2000 година, беше организирано убиството на Стамболиќ.
ОДМАЗДАТА ЗА ЉУБЕ БОШКОСКИ
Има ли можност за некоја паралела на трагичната судбина на Иван Стамболиќ со некои состојби кај нас? Изгледа дека сепак има. Случајот со Љубе Бошковски укажува дека и во Македонија се можни настани и човечки судбини слични на оние што го карактеризираа режимот на Слободан Милошевиќ. Иако од паѓањето на тој режим изминаа веќе дванаесет години. Љубе Бошковски стигна до голема слава за време на воениот конфликт од 2001 година, а таа силно нарасна кога тој беше притворен од Хашкиот трибунал.
Во периодот од три и пол години во кои Љубе Бошковски лежеше во Хаг, неговата слава меѓу Македонците, особено меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ израсна до олимписки висини, а тој прерасна во национален херој. Луѓето како Влатко Ѓорчев и уште многу други помлади или постари членови на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, со посебна посветеност одеа во посета на Љубе Бошковски, со тоа во јавноста се фалеа и добиваа дел од неговата слава. Покрај својата неутралност во битката меѓу Груевски и Љубчо Георгиевски, Бошковски сепак даде на знаење дека се приклонува кон Груевски, со што многу му помогна овој во таа битка да победи.
Спомнатите околности доведоа до славниот дочек при враќањето на Љубе Бошковски од Хаг, после неговото ослободување. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ цело се построи на аеродромот, а Груевски го изгушка и долго го држеше Бошковски во своите прегратки. Бошковски беше икона на ВМРО-ДПМНЕ, сѐ до претседателските избори во 2009 година. Тогаш тој не ја прифати одлуката на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кандидат за претседател на Републиката од оваа партија да биде Ѓорге Иванов, и сам ја истакна својата кандидатура за таа функција. Во тие избори, иако против Љубе Бошковски работеа машинериите на двете најголеми политички партии во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Љубе доби восхитувачки 150.000 гласови.
Паралелата што може да се извлече меѓу случајот на Љубе Бошкоски во Македонија и оној на Иван Стамболиќ во Србија, почнува со случувањата околу претседателските избори во 2009 година. Но, со тоа Бошкоски не се помири, туку за изборите 2011 година формира своја партија, поднесе кандидатски листи во сите изборни единици, а во предизборната кампања жестоко го критикуваше „режимот на Груевски и фамилијата”. Таквата активност на Љубе не му беше простена иако на парламентарните избори доживеа вистински дебакл. Ден по изгубените избори, ѓоамити некој спонзор, на Љубе му дал 100.000 евра, а тој беше фатен, притворен, суден и осуден на седум години затвор.
Апсењето и судењето на Љубе Бошкоски ќе останат како долгогодишен срам за нашето правосудство. Покрај долгогодишната казна затвор, Љубе Бошкоски, додека беше во притвор, јавно им се извинуваше на Груевски и на Сашо Мијалков, за сѐ што рекол против нив во предизборната кампања. „Фактот” што некој спонзор му дал пари на некој политичар, откако тој ги изгубил изборите, како и силните извинувања од затворската ќелија, ќе останат како единствен случај во правосудството во светот.
Разликата меѓу она што му се случи на Иван СтамболиЌ во режимот на Милошевиќ и она што му се случи на Љубе Бошкоски, почнувајќи од утредента по изборите, до денес се сведува само на едно: режимот на Милошевиќ се пресмета со Ивица Стамболиќ во моментот кога почувствувал дека овој искусен политичар може да стане опасен политички противник на Милошевиќ. Кај Љубе не е тоа случај: тој на изборите беше целосно поразен и затоа се наметнува заклучокот дека Љубе од нашите органи за откривање, прогон и за правосудство е казнет од одмазда.
Од страна на Стејт департментот, апсењето и пресудата на Љубе Бошковски, како и неговото престојување во затворот е оценето како политички мотивирано, а тој се смета за политички затвореник. За жал, Европа во овој случај остана слепа и глува. Кога – тогаш Македонија овој срам со судењето и затварањето на Љубе Бошковски ќе треба да си го испере. Со тоа ќе им олесни и на сите оние од ВМРО-ДПМНЕ што го обожаваа, а сега мораат да мачкаат со катран и, наместо да го чувствуваат како ,,брат”, ѓоамити се гадат од него затоа што станал „сестра” и национален предавник.
Сметам дека е потребно што поскоро да се донесе закон за амнестија на Љубе Бошкоски, бидејќи не гледам политичка можност да се укине судската пресуда и да му се даде потполна рехабилитација!