Милионер од Вегас одбил понуда за повластена цена да патува со подморницата Титан

by Fokus

Милионерот од Лас Вегас, Џеј Блум, објави пораки со Стоктон Раш, извршен директор на OceanGate, нудејќи му и нему и на неговиот син повластена цена во „последна минута“ да се качат во несреќната подморница Титан.

Блум одбил понуда од 150.000 долари по лице, место вообичаената од 250.000 долари, поради безбедносни причини, пишува Дејли мејл.

„Изразив загриженост за безбедноста и Стоктон ми кажа дека постои ризик, но дека патувањето со подморницата е побезбедно отколку летањето со хеликоптер или нуркањето. Тој беше апсолутно убеден дека е побезбедно од преминувањето на улицата. Сигурен сум дека навистина веруваше во тоа што го зборуваше, но очигледно многу погреши“, напиша Блум на Фејсбук.

Во февруари годинава Раш ги замоли Блум и неговиот син Шон да го префрлат патувањето во мај. Двете мајски нуркања беа одложени поради временските услови, а патувањето беше закажано за 18 јуни – датумот на несреќното патување.

„Му реков дека поради обврски не можеме да одиме пред следната година. Нашите места заминаа за Шахзад и неговиот 19-годишен син Сулејман, кои ги загубија животите на ова патување. Почивај во мир, а што се однесува до Шон и мене, ќе одвоиме една минута да застанеме и да ги помирисаме розите. Никогаш не знаеш што ќе донесе следниот ден“, изјави Блум.

Тој раскажува дека неговиот син Шон разговарал со пријател, и бил многу загрижен за безбедноста на подморницата.

„Тие зборуваа за тоа како структурата се справува со притисок, контакт со лигњи или кит. Раш ги увери во безбедноста бидејќи во последните 35 години немало ниту една несреќа во невоени подморници“, изјави Блум.

Режисерот на филмот „Титаник“ и експерт за подморници Џејмс Камерон ја предвиде катастрофата што се случи неколку дена пред да се најдат остатоците. Камерон 30 пати ја посетил најпознатата морска несреќа во светот и тврди дека овонеделната трагедија има одредени сличности со катастрофата во 1912 година кога капетанот ги игнорирал предупредувањата за приближување на сантата мраз и продолжила со максимална брзина.

„Пребарувањето на крајбрежната стража изгледаше како долготрајна кошмарна шарада со луѓе кои трчаат наоколу зборувајќи за звуци од удари, кислород и други непотребни работи. Знаев дека подморницата е точно под нејзината последна позната длабочина и позиција, токму таму каде што ја нашле“, вели Камерон.

Според судските документи, поранешен вработен во компанијата OceanGate претходно изразил загриженост за безбедноста на подморницата Титан. Дејвид Лохриџ тврдеше дека бил отпуштен затоа што предложил да се направат повеќе истражувања пред да им се дозволи на луѓето да влезат во подморницата.

„Сега имаме уште една руина која заврши на дното бидејќи никој не ги послуша предупредувањата“, рече Камерон.

Поврзани новости