ЛДП во ниту една своја одлука, не даде согласност за почеток на преговори, со кои Македонија може да стане заложник на бугарските аспирации и желби да ја преземе македонската историја, ги кажавме нашите црвени линии и загрижености, вели лидерот на ЛДП Горан Милевски по завршувањето на седницата за францускиот предлог.
„Изразивме став дека НЕ се согласуваме, во рамката за почеток на преговорите да има билатерални прашања со соседите кои задираат во историските, културните и јазичните особености на македонскиот народ, кои можат да бидат потенцијална опасност за блокирање на евроинтегративниот процес на Македонија. Во Собранието деновиве не се гласа за или против Францускиот предлог, туку се одредуваат црвените линии на оваа и било која друга Влада како да постапува во текот на преговорите со Унијата, доколку Владата донесе одлука за старт на преговорите со ЕУ, сега или во иднина. Тие црвени линии се заштита на македонскиот идентитет, самобитност, култура, историја, традиција“, напиша Милевски на фејсбук.
Тој додава дека пратениците на ЛДП имаат историска должност да гласаат за заштита на македонскиот национален идентитет и за ова отстапки за нас нема.
„Жалам што дебатата во Собранието се сведува на напади и омаловажувања на едни со други и наместо да се дебатира за темата на Дневен ред која треба едногласно да се прифати и да бидеме ние како Македонци единствени за тоа што сакаме, Собранието стана заложник на екстремистичката пропагандна политика на проруска партија, која застапува интереси на државата Русија и чии високи претставници се чести гости на прослави во Москва. Русија е креатор на Санстефанскиот договор и создавањето на голема Бугарија во која спаѓа целата територија на Македонија и делови од Албанија“, вели Милевски.
Она што за мене е спорно во францускиот предлог, додава тој, е дилема во оваа ревидирана преговарачка рамка е искреноста и вистинските намери на ЕУ, дали вистински сака да ги започнеме и завршеме преговорите со ЕУ и да станеме рамноправна членка во блиска иднина или сака вечно да останеме пред портите на ЕУ.
„Доколку целта беше брзо завршување на преговорите, тогаш во предлогот, немаше да ги остават кукавичките јајца на Бугарија и нашето напредување кон полноправно членство ќе зависеше само и исклучиво од нашите реформи и напредок во сите општествени области. Вака се остава можност од име на Унијата Бугарија во секој можен чекор да ни става сопки на нашиот европски пат и наместо македонскиот воз да ита кон Брисел, да биде закочен на Софиската железничка станица“, вели Милевски.
Тој истакнува дека овие недели добивал цврсти гаранции од многу влијателни центри на одлучување дека нема да се дозволи Бугарија да се изживува со нас во процесот на интеграција во Унијата и да се доведеме како држава до понижувачка позиција.
„Многу ветувања реализирале, но многу останало и не остварено и затоа овој пат сум толку многу скептичен во целиот процес. Останува да видиме во иднина дали биле искрени и ќе си држат до својот збор и ветувања. За да бидеме сигурни пак ние во Македонија, дека на никој нема да му текне да прифати некое бугарско романтичарско барање за приграбување на нашата Света македонска црква, историја, култура, приграбување на Охрид, Илинденците и се што за нас е свето и идентитетско и е наше и за кое се пролила многу македонска крв на нашите претци, клучна е историската комисија“, вели Милевски.
Согласно заклучоците кои ги усвои Централниот одбор на партијата, тој посочува дека не даваат поддршка, но нема да бидеме ниту против и кочничари на процесот, бидејќи друга алтернатива освен ЕУ немаме.
„Затоа на седница на Влада, не можам позитивно да се изјаснам за ваков почеток на преговорите, од сомнежот кој ЕУ оправдано го остави кај мене, од нивните досегашни колебања, лаги и ветувања кои ја оставија Македонија 17 години во чекалната на ЕУ. Дали треба во овој момент ЛДП, ДОМ и ДС да ја напуштат Владата и да предизвикаат политичка криза, покрај постојната економска, енергетска, здравствена криза и моменталното толку силно изразено руско влијание во државата? Одговорот и на ова прашање е не“, истакнува Милевски.
На крај, тој порачува никој да не помислува да влијае врз процесите во ЛДП, бидејќи, според него, секој обид за киднапирање на партијата и правење на нечиј политички вазал ќе заврши неуспешно.