Неодамна Миленко Неделковски си објави колумна во која ме почести со клевети, без да понуди ниту еден доказ или извор кој бил причина за неговите наводи. Не ми пречат ни неговите вредносни судови, од калибарот соросоиди, пијаница, дебељуца, педер, предавник… Она што ме вади од такт се неговите предавања за професионално и етичко новинарство.
Особено што тие се поклопуваат со прогласите на Центарот за комуникации на ДПМНЕ. Фактот, пак, што премиерот и претседателот се негови редовни гости, додека истите од нас бегаат како од лепрозни, говори дека Миленко е нивен репер за новинарски стандарди. Е тоа е веќе опасна политика!?Кога неодамна во врска со случајот Кежаровски се собравме десетина новинари од различни редакции, спонтано низ муабет, сфативме дека 90 отсто од присутните не ги следат, барем не редовно, провладините телевизии. Само една колешка беше во тренд, па ни ги раскажуваше, онака духовито, владините спотови за здрава храна. Тоа е всушност нашата паралелна реалност.
Така е и за „Фокус“. Додека некои уште во четврток вечер излегуваат да го купат фрешкото издание на неделникот, други се фалат дека не нѐ читаат, особено тие што небаре учеле од преродбеничкиот учебник за Граѓанско образование за осмо одделение – тие како лојални граѓани си ја почитуваат власта. А ние мрсниците постојано ја критикуваме власта.
За разлика од нив, нашата граѓанска филозофија е дека лојалните граѓани ги почитуваат законите (не власта, барем не е тоа критериум за лојален граѓанин), дури и кога сметаат дека законите не се добри. Токму затоа, поради драматичните разлики во поимањето на демократијата, човековите слободи или патриотизмот, многумина што ги споделуваат истите вредности како и ние, немаат желудник веќе да ја консумираат дневната доза „здрави спинови“ за перење мозоци на центрифуга. Античките патриоти со барокни фасади, пак, ги вади од колосек нашата критичка опсервација на преродбеничките политики.
Можеби поради ваквите навики сум пропуштила многу интересни работи. Но, благодарение на социјалните мрежи ги дознавам најинспиративните бисери. А тука е и „Курир“, кој стана извор кладенец за сите мејнстрим телевизии. Така што, сепак дознавам. И со такви навики, пред неколку дена, преку Фејсбук разбрав дека весникот „Вечер“ не му ја пуштил колумната на Миленко Неделковски. Објаснувањето беше дека уредништвото видело опасност за тужби за клевета и навреда.
Арно ама, Неделковски си ја објавил на својот портал. Ова може да се протолкува дека авторот смета дека нема таква опасност – нема клеветнички дух ниту навреди… или дека споменатите нема да го тужат… или дека судот нема да ја има таквата перцепција за неговото авторство при таков можен расплет!?
НИЕ СПИНЕРИ, ТОЈ ЕТИЧЕН!?
Но, колумната насловена „Пресуда за Кежо“ почнуваше со моето име и моминско презиме. Во неколкуте реченици што ми ги посветил, имаше неколку клеветнички наводи, измислици, а без каква било потврда за таквите наводи. Истовремено, Неделковски во останатиот дел ги величаше професионалните и етички стандарди на новинарскиот дел кај што тој се гледа себеси. Додека останатите што се за „Слобода на Кежо“ ги прогласи за спинери, лажговци, манипулатори и странски платеници.
И тоа беше инспирација за ова мое писание, што со голема доза на сигурност можам да се обложам дека ќе биде истретирано како непрофесионално и неетичко, барем според стандардите на Миленко Неделковски. Да, ако ваквите негови колумни, во кои клевети без докази или барем изјави на инволвирани лица се профи согласно етиката, тогаш ние во „Фокус“ сме навистина непрофесионалци без етика. Таму каде што тој се сместува, ние сме на спротивната страна.
И бидејќи не сум тужибаба, сметам дека јавните личности треба да имаат повисок степен на толеранција кон навредите и клеветите, решив барем уште овојпат мојата реакција да биде јавна, преку „Фокус“. До фановите на Миленко веројатно ни изјава, ни писмен документ, ни снимка не би имала фајде. И не тужам затоа што не сакам на нив да личам. Сакам да останам доследна на своите демократски стандарди.
Она што ми е модус вивенди во новинарската мисија е, пред сѐ, да се обидам или да се обидеме да ги контролираме тие што се ВЛАСТ, што не е нималку благопријатна дејност во земја во транзиција. Второ, никогаш критичките осврти, анализи или истражувачки стории не биле мотивирани од лични емоции – омраза или восхит од некого. Затоа додека НЕКОИ биле моќни сме пласирале сомнежи за нивна можна корупција, ама кога ќе паднеле, сме се бореле да им се почитуваат правата, процедурите да не бидат одмазднички, а правдата селективна.
Трето, секогаш за време на сите власти ме згрозуваа настапи, изјави и колумни на луѓе од владата кога кукаат од „лошата опозиција“, кога секој мал бунт го припишуваат за масло на опозицијата. Четврто, секогаш ме далдисуваше силењето на моќниците врз немоќните критичари, а преку контролираното судство од нив. Така кревав глас кога СДСМ го тужеше портпаролот на ДПМНЕ Влатко Ѓорчев за клевета… Море полициски го приведуваа… Денес уште повеќе ми се гади кога опозицискиот портпарол Петре Шилегов е под вистински тужбенички десант.
И петто, а особено важно во случајов со колумната на Миленко, уште од крајот на 1980-тите, како дел од Форумот за човекови права бев против долгите притвори кои стануваа казнена алатка во рацете на моќниците. Кревав глас кога владата на ВМРО-ДПМНЕ со Љубчо Георгиевски душмански апсеше, а потоа случаите исчезнуваа. Па, кога Хари Костов како министер внесе уште троа повеќе страст кога се прогонуваа бившите. И денес стојам зад ставот дека држењето на Неделковски во притвор цели 8 месеци поради обвинение за измама, не е во ред. Зашто притворот е мерка, а не казна. Без оглед што денес Миленко „везе“ за мене лично. И да, тука има драстична разлика меѓу нас, во принципите, како и во стандардите.ПРЕСУДА НАМЕСТО СЛОБОДА
Со оглед на тоа што некои се обидуваат да ги оспорат новинарските стандарди на „Фокус“, затскривајќи се зад тужбите што луѓе од власта ги покренуваа (за пренесени изјави ), плус добар дел од владејачките структури максимално ги игнорираат прашањата на „Фокус“ (па излегува дека ја немаме втората страна), а од друга страна и премиерот Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов се редовни гости во емисиите на Неделковски со кои тој е на ТИ, сметав дека треба да посветам внимание на ваквите записи. Едноставно, да видиме какви професионални и етички стандарди се прифатливи за ДПМНЕ штом ние сме неподобни, а тој е со сите професионални нишани. Значи, темата ми се ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ СТАНДАРДИ на Миленко и дружината, за кои власта нема забелешки, наспроти нашите „соросоидни“, за кои сме бојкотирани или тужени!
Она што го инспирирало Неделковски да ми посвети неколку реда е моето интервју за порталот револуционерМк. А повод за интервјуто беше казната што судот ни ја одреди по тужбата од шефот на УБК, Сашо Мијалков. Претпоставувам дека токму овие мои наводи го мотивирале Неделковски да ја „открие“ мојата дволичност и користољубивост:
„Фокус, за разлика од сопствениците на повеќето релевантни медиуми, нема бизнис-империја, чии фирми добиваат тендери во милионски суми, па 10.000 евра да ни бидат „ситниш“. Не сме ниту од оној калибар – кога сопствениците на медиумот си имаат и политичка партија, си коалицираат со ДПМНЕ, медиумот безрезервно е ставен во пропаганда на владините политики, а за возврат добиваат милионски суми од владините реклами. Претходното, не ни e ниту желба, ниту некаков идеал. Напротив, ми се блуе од таквата медиумска „активност“, му одговорив на Виктор Азмановски од револуционерМк.
Всушност, поентата во текстот на Неделковски „ПРЕСУДА ЗА КЕЖО“ е контра нашиот повик „СЛОБОДА ЗА КЕЖО“. Тој се иззема од барањето слобода за колегата Кежаровски, дистанцирајќи се од, како што вели „соросоидните портали“, нарекувајќи ги новинарите платени од Сорос, клиенти на СДСМ, лажови, спинери и странски платеници.
„Но, во Македонија, за среќа, има и други новинари. Оние на кои колумните им се читани и влијателни. Оние на кои емисиите им се гледани и прераскажувани. Оние кои со крената глава се шетаат меѓу својот народ …“ – ќе воскликне Неделковски барајќи судот да судел според словото на законот, а извршната власт да не потпаднувала под притисок на соросоидите и да не презема незаконити дејствија во форма на мешање во судската власт.
И не ми е спорно Миленко да смета дека судството е независно, затоа што, како што кажа и премиерот, така пишува во Уставот. Настрана што така пишувало во Уставот и во времето на Бранко и на Љубчо, ама тогаш некои имаа поинаква перцепција за независноста на судството. Дури верувам, согласно досегашните преродбенички практики, дека и судската и извршната власт ќе постапи по апелот на Неделковски. Така независни, впрочем, судиите му одредија условна казна за измама! Наспроти четири и пол години на Кежаровски за „откривање идентитет на заштитен сведок“.
Не ми пречат ниту неговите епитети од калибарот соросоиди, пијаница, дебељуца, дилер на дрога, педер, предавник… нека е тоа најлиберално – прашање на стил. Неговите вредносни судови не ме дразнат, туку неговите предавања за професионално и етичко новинарство. Особено што тие се поклопуваат со прогласите на Центарот за комуникации, изборот на новинари и медиуми на премиерот и претседателот… Тоа е значи реперот за новинарски стандарди.
АКО ПРЕНЕСЕШ ИЗЈАВА НА СДСМ – ОПОЗИЦИСКИ СИ
Затоа се задржав на два примера, за кои досега како новинар единствено сум реагирала на ставовите на Миленко. Особено што тој дели „докажани“ факти за криминал, без никаква буквално поткрепа, ама затоа тужи колеги, уредници и медиуми кога за него ќе пренесат лош збор од извор со име и презиме. Како на пример Предраг Петровиќ за пренесена изјава од конкретен човек од цигланата од Кичево, или Младен Чадиковски како уредник, Владимир Тевчев како новинар и повторно човек, фармер со име и презиме. Следствено на ваквите аршини, грев е и непрофесионално ако дозволиш некој граѓанин јавно да реагира за тебе, ама затоа ти можеш да шлапаш за криминал без каква било поткрепа на ставот.
Има новинари што ги хранат полициски структури, па овие „истражувачи“ ѓоа најавуваат акција небаре Клеопатра им претскажала. Има и такви кои од рекла-казала кафеански муабети прават цел крими-филм. А има и поинакви, непрофи и неетички според реперот на Миленко, кај кои доаѓаат обесправени граѓани, тие што сметаат дека сите врати им се затворени… И тука, согласно овие М.Н. стандарди, ние му доаѓаме како настрани.
Нели, слободата на медиумите цвета оти ние сме уште живи иако критикуваме. По тој стандард во времето на Милошевиќ беше уште подобро, послободно да се биде новинар со критички ракурс. Но, неодамна барем во „откритието“ на „Република“ (без потпишан автор) основана со капитал од Белизе, се избројаа едно чудо, ма апсолутно мнозинство од критички настроени медиуми, кои владините мегафони тенденциозно ги нарекуваат опозициски, се провлече една фројдовска грешка. Поточно, ја открија формулата како станувате опозициски медиуми – „често можат да се чујат ставовите на опозицијата“ беа објаснување за Радио слободна Европа и за Дојче веле. Е затоа биле критички настроени! Ставовите на опозицијата не е професионално да се пренесуваат – јасно, нели!
Би била среќна доколку ДПМНЕ соопшти, ама не преку „Курир“, дали професионалните и етички стандарди што ги промовира Неделковски се нивен репер. Но, и без тој одговор, Миленко и натаму нека шета со крената глава. И, секако, може слободно да ме почести со каков било негов специјалитет од арсеналот сочни лични епитети, кои немаат врска со темата. Како што пластично тоа го опишуваше нашиот пријател, адвокатот Тортевски „ти го фаќаш на дело како краде, а тој ти реплицира дека сестра ти има швалер Црнец“.
Само во едно 102 отсто се согласувам со став од спорната колумна на Неделковски. Дека ИМА РАЗЛИКА. Јас, барем, лично се гордеам дека сме РАЗЛИЧНИ во новинарските стандарди и принципи.
Пример бр. 1 за професионални стандарди на Миленко
ТОЧНО Е САМО МОМИНСКОТО ПРЕЗИМЕ!
Еве ги неколкуте реченици што ми ги посветил Неделковски во својата колумна насловена „Пресуда за Кежо“, но со мои коментари за неговите наводи. Колку се професионални и етички, заклучете сами!
НЕДЕЛКОВСКИ: „Јадранка Николиќ, подоцна позната како Костова, даде интервју за портал без импресум, адреса и идентитет, ама со слика на Че.“
НЕТОЧНО Јадранка Костова, порано позната како Николиќ, даде интервју за портал со импресум. За ова и не требало голем истражувачки напор. Освен ако сликата на Че не била збунувачки фактор за професионалниот истражувач!? Но, погледнете со свои очи она што Неделковски не го видел.
НЕДЕЛКОВСКИ „Не знам дали годините и престанокот на менопаузата се во прашање, но чудно е кога Јадранка зборува за газди на медиуми како заборави на подарок автомобил од Емил Стојменов?!
КЛЕВЕТА Ова со автомобил подарок е клевета. Можеби е во согласност со професионалните и етичките стандарди на Неделковски, но тука нема наведен извор на „веста“, некаков документ, колку да не биде ова како чешање јазици пред гранапче. Кој ли му ја подарил „ексклузивкава“!? Или ја измисли?
За менопаузата, која, дури и ми престанала, немам коментар. Не е баш од јавен интерес.
НЕДЕЛКОВСКИ Имено, таа го третираше (автомобилот, м.з.) како подарок и инсистираше да го задржи. Емил, пак, сметаше дека е автомобилот за вршење работни задачи, а по нејзиното заминување од телевизијата треба да го врати. Подарок ли беше, Јадранке? Го задржа ли подарокот?
ВОЗБУДЛИВО Клеветата добива и драматуршки запис. Обрнете внимание на формата во која Миленко раскажува наводен настан. „Таа инсистираше… таа го третираше… Ова имплицира дека бил присутен сето тоа време кога „сум инсистирала“!? И кога „Емил сметаше…“ Нема кој е изворот, дали е Емил Стојменов колку да бидам на чисто кој е сценаристот, освен што него го наведува како главен, ама неволен „дародавач“ на автомобил. Нема документ кој би потврдил дека има пренос на возило од сопственост на Канал 5 на мое име… Нема ништо, освен Миленко кој како „добриот дух“ е сето време сведок. А кога јас работев во Канал 5, Миленко немаше ТВ шоу на оваа фреквенција.
Конкретно на прашањето „Подарок ли беше, Јадранке? “- Не Миленко, не беше подарок! Кога нема подарок, нема што да задржиш. Освен еден фикус во саксија, висок побајаги, што си го зедов кога заминав. И не ми го собираше во моето „пунто“, кое не беше подарок. Си го плаќав на рати. Фикусот беше мој, а ми беше подарок.
Еве го купопродажниот договор за „пунтото“ од февруари 2000 година. НЕДЕЛКОВСКИ Јадранка, исто така, кога говори за партиите поврзани со новинари, заборави да го каже својот пример на долгогодишна соработка со Стефче Јакимоски, без разлика дали тој беше во ЛДП, СДСМ или Гром. Како шеташе зиг-заг тој, така и таа по него цик-цак, како „цик-цак вата“.
ЛУДО, А КЛЕВЕТНИЧКИ Чисто од респект кон читателите на „Фокус“, со Стефчо Јакимовски првпат имав средба тет-а-тет во 2009 година, кога за „Фокус“ ги претставував кандидатите на скопските општини што одеа во вториот круг – Карпош и Центар. Во меѓувреме, имав уште две интервјуа. Како колумнист на дневен „Фокус“, во година и пол дали двапати телефонски контактирав лично. И тоа кога драматично доцнеше.
Јакимовски не сум го слушнала ниту сум разменила збор безмалку две години. И сега според Миленко – јас сум во Гром!? Шашаво, ама хартија трпи сѐ! Toa, пак, со „цикцак-вата“ веројатно е последица на мојот нов пубертет. Алал вера за цикцак-погодокот!!!
Преку прес-службата во Општина Карпош побарав и добив изјава од Јакимовски за наводите на Неделковски:
„Со полна одговорност тврдам дека ниту сум имал, ниту имам некаква соработка со Јадранка Костова. Ова се чисти инсинуации”.
ЗАКЛУЧОК Освен дека моминското презиме ми е Николиќ, ама баш ништо нема врска со реалноста. А која е поентата или намерата на Неделковски за првичното и главно апострофирање на Николиќ?! Со оглед на фактот што не сум правела пластична операција, а со презимето Николиќ имав петгодишен новинарски стаж во МТВ, дел од јавноста го знае тоа, во дилема сум што сакал писателот Неделковски да каже? Требало да го задржам презимето откако стапив во брак? Или, да го додадам на Николиќ – Костова? Неделковски во феминистички филм!?
Што знам, можеби алудира на генетското (српско) потекло на родителите или на еден од родителите, што автоматски ја намалува професионалноста, а ја нагризува етичноста? Ова, пак, малку повеќе звучи фашистички!
Пример бр. 2 за професионални стандарди на Миленко
ЦРН ХУМОР ЗА ЦРНИ ПАРИ!
Во едно од своите ноќни шоуа на Канал 5 телевизија, во ноември 2011 година, Миленко Неделковски „разоткри“ невидена криминална мрежа, лоцирана на булеварот Климент Охридски, каде што беше лоцирана редакцијата на тогаш дневен и неделен „Фокус“! Дури и закачуваше фотоси, како на жица за сушење испрани алишта. Уште повеќе, по име и презиме утврдуваше кодоши и педери! Потоа, она што го зборуваше го стави „црно на бело“ на неговата веб-страница. И во овој случај не се повика на некаков извор, не покажа ниту документ, туку раскажуваше како Никола Младенов го стартува планот за дневен весник небаре самиот е дел од акцијата, непосреден и директен сведок. Еве неколку поенти од тогашниот негови настап:
„Главниот адут – весникот, околу кој се собрани сите, всушност е гринфилд-инвестиција. За старт им се потребни околу 2 милиони евра… Но, доаѓа поголем проблем од тоа. Парите патуваат преку банка во Крит и од таму не можат да дојдат во Македонија. Под опсервација се на меѓународните власти што се борат против перење пари… Едноставно, весникот немаше легален проток и доток на пари, затоа цело ова доцнење“ – наведе Неделковски, додавајќи уште како се барале директно пари од конкретни домашни бизнис-фаци за да се стартувал весникот.
Уште повеќе, онака со голема доза на сигурност наведе дека се барале 60.000 евра од Хари Костов, кој, да потсетам, доби 20.000 евра отштета од Никола за клевета. А потоа раскажа уште нешто за парите: кеш или жирално. Звучи актуелно, нели!?
„Инаку, дотогашното плаќање во кеш и на помали суми врвело без проблем. Парите се на црно, нема трага, а и не се преголеми суми. Но, за отворање весник бара легитимна жирална пара. Така што трагата на парите може лесно да се следи. И да се види, зошто некој би давал 100 или 200 илјади евра за весник што сѐ уште не е излезен“, ќе заклучи Неделковски.
МОЈ ЗАКЛУЧОК Неделковски, кој, нели, ги нагласува своите професионални и етички стандарди, и во оваа „истражувачка“ сторија не понуди ама баш ништо што ќе ги оправда неговите, не сомнежи, ами сигурни заклучоци за голем криминал и црни пари во „Фокус“. Поминаа 3 години, а од овие страшни криминални шеми кои јавно беа пласирани, а „под опсервација на меѓународните власти“, не бидна ништо. Иако наведе дека „трагата на парите може лесно да се следи“, дали од скромност истражувачка не ги покажа трагите, или, едноставно, доволно му тежи зборот на жими мајка.
Во прилог е договорот за кредит на Никола Младенов за старт на весникот, за кој ја заложи сопствената куќа под хипотека. Ако е доволно тоа!? Но, повторно сум во дилема: кој му ги пласира ваквите професионално-етички крими-стории!?