На денешното рочиште за „Таргет и Тврдина“, обвинетиот Сашо Мијалков се обидуваше да го дискредитира сведокот Звонко Костовски, кој ја откри аферата за масовното нелегално прислушување во УБК.
Тој преку вкрстено испрашување го праша Костовски дали со материјални докази може да докаже дека во неговата канцеларија во УБК, додека бил директор, имал компјутер од кој можел да ги следи комуникациит?
Костовски рече дека нема докази, по што Мијалков му рече: „Значи повторно треба да ви веруваме на вашиот збор“, рече Мијалков, по што судиите му посочија да не носи заклучоци, туку само да прашува.
Мијалков го праша и Костовски зошто, како што претходно објаснил, прислушуваните разговори од системската сала ги снимил на мемориски стик, по што ги префрлил на неговиот компјутер во канцеларијата во УБК, а пото ги снимил на CD и ги давал на Ѓорѓи Лазаревски. Кога, како што рече, можел едноставно да ги изнесе со стик па дома без ризик да ги преснима?
-Зошто сте правеле ризик да внесувате ДВД од надвор, сте ризикувале да ги снимате разговорите во вашата канцеларија, каде што некој можел да ве види, а потоа истото ДВД сте го изнесувале надвор, кога сте можеле малото стикче без никој да ве види да го изнесете надвор, го праша Мијалков.
Костовски му одговори кратко: „Ние решивме така да работиме, на тој начин“.
Мијалков го праша и зошто ги зачувале материјалите на технички начин на кој не може да се докаже дека е снимено на машините во УБК?
Костовски одговори:
„Тоа вие тврдите, јас реков дека не знам дали може да се докаже“, рече Костовски.
Мијалков се обиде и да го прашува сведокот за случајот „Пуч“, во кој беше осуден, но потоа пресудата беше укината, истакнувајќи дека тој веќе еднаш бил осуден за нелегалното прислушување, но судот не ги дозволи прашањата, бидејќи не беа вкрстени.
Мијалков преку прашањата тврдеше и дека и тој бил таргет, односно неговиот број бил цел на прислушување, но сведокот Костовски тврдеше дека неговиот број не бил таргет.
Кога Мијалков искоментира дека ова не било логично, се обрати и до судот посочувајќи дека овие работи требало да се расчистат, коментирајќи кон судиите„ Во ваш интерес е да се расчисти ова“.
Судењето е во тек.