Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, поднел оставка од оваа функција, како дел од бранот на оставки во владата на министри и функционери кои најмногу беа компромитирани опозициските „бомби“.
Во оставката до премиерот Никола Груевски, кој воедно е негов прв братучед, Мијалков пишува дека позицијата што му била доверена ја извршувал патриотски и одговорно, во интерес на земјата и граѓаните, а оставката ја поднесува за да помогне во надминувањето на политичката криза.
„Граѓаните најдобро знаат дека Македонија има бројни успеси во полето на кое дејствував. Дел од тие успеси беа и вистински мит во разговорите меѓу граѓаните и ги говореа со гордост“, наведува тој.
Откако Митко Чавков ќе биде избран за нов министер за внатрешни работи, по оставката на Гордана Јанкуловска, јавната и тајната безбедност ќе добијат нови директори, кои треба да ги предложи токму Чавков.