Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков поднел барање за промена на живеалиштето од Скопје во Охрид, истиот ден кога се спогоди со обвинителството да плати 36 милиони евра и да лежи три години затвор за случајот „Империја“ и тоа во отворениот затвор во Струга.
Ова произлегува од официјалниот одговор којшто го добивме од Министерството за внатрешни работи според којшто Мијалков поднел барање смена на живеалиштето на 8 јули.
-На ден 08.07.2022 година до Одделението за управни работи Охрид лицето С.М.(56) од Скопје поднесе барање за лична карта со приложување на потребната документација за промена на живеалиште од Скопје за Охрид. По добиеното барање, истото е проследено до полициската станица од општа надлежност Охрид за вршење на проверки, а по извршените проверки, донесено е решение за пријавување на живеалиште во Охрид, кое му е врачено на барателот, извршено е фотографирање за лична карта и истата му е издадена со адреса во Охрид. Напоменуваме дека постапката за промена на живеалиште е извршена согласно Законот за лични карти и живеалиште, се вели во одговорот од МВР.
Тоа значи дека Мијалков добил нова лична со адреса во Охрид за десетина дена, со оглед на тоа што МВР го известило Кривичниот суд за промена на адресата на 19 јули.
-По добиеното известување од МВР на ден 19.07.2022 година, предметот со комплет списите на истиот ќе биде одстапен на надлежност на Основен суд Охрид, како месно надлежен суд за постапување по конкретниот предмет.“- Основен кривичен суд Скопје, изјавија вчера од Кривичен.
Мијалков призна вина и со обвинителството се спогоди да лежи 3 години во затвор и да плати 6 милиони евра во кеш и околу 30-тина милиони евра во имот, од кои 25 станови. Со оглед на тоа што неговата адреса на живеење е сменета, Мијалков ќе лежи во отворениот затвор во Струга.
Претходно, на 1 јули во затворот во Струга влезе и осудениот бизнисмен Орце Камчев, каде сам се пријавил за да ја издржува затворската казна од една година, откако се спогоди со Обвинителство. Тој плати и околу 5 милиони евра затаен данок.
Во овој затвор каде осудените одат само за преспивање се и остнатите обвинети за „Империја“, но и Зоран Милевски Кичеец кој имаше комуникација и со Камчев и со Мијалков, а беше осуден за случајот „Рекет“.
Ф.Ф.С.