Мијалков осуден на 12 години затвор за незаконското прислушување

by fokus

Затворска казна од 12 години за поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков. Ова е казната која денеска му ја изрече Кривичниот суд, прогласувајќи го за виновен за незаконското масовно прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање. Тој, според пресудата, е главниот организатор на прислушувањето, за што имал можност и моќ.

Мијалков се гонеше за три кривични дела, односно за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ за што е осуден на казна затвор од 5 години, за „Злосторничко здружување“ на казна затвор од 5, и за „Примање награда за противзаконито дејствување“ на казна затвор од 3 години. Тој ги доби максималните казни предвидени за секое дело, или единечна казна за сите три дела од 12 години.

Сепак се очекува казната набрзо да му се намали, бидејќи едно од делата за кое е осуден на 3 години, му застарува за еден месец.

Поранешната министерка Гордана Јанкулоска пак е осудена на казна затвор од 4 години, началничката Надица Николиќ на казна од 3 години, а Тони Јакимовски на казна затвор од 6 години.

Бегалците, односно поранешните началници во УБК, Горан Грујевски е осуден на единечна казна од 15 години, како и Никола Бошкоски на 15 години.

Судот им изрече условни затворска казна од две години на обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување”.

За обвинетата Валентина Симоновска Судот изрече условна казна затвор од две години за кривичнoто делo „фалсификување службена исправа“.

-Во случајот се работи за континуирана злоупотреба, да се воспостави целосна контрола врз политичкиот, економскиот и општествениот живот во Македонија, истакна судијата Владимир Туфегџиќ, при објавата на пресудата, констатирајќи дека прислушувањето се вршело од УБК, а не од трета страна, како што тврдеше одбраната.

Судијата Туфегџиќ истакна и дека актуелиниот предмет во Судот за човекови права во Стразбур, поврзан со аболицијата на обвинетите, не претставувал процесна пречка за донесување на пресуда во прв степен.

Судијката Џенета Бегтовиќ, пак, истакна дека овој предмет бил најважниот предмет на СЈО, бидејќи од него произлегле и останатите предмети, поврзани со масовното незаконско прислушување.

-Со оглед дека ова е најбитниот предмет на поранешното СЈО, имаше приоритет во постапувањето и направивме напори да го решиме во најкраток можен рок и тоа во услови на пандемија, истакна судијката.

Бегтовиќ додаде дека во случајот како оштетени до судот се пријавиле 130 граѓани, биле сослушани стотина сведоци и биле изведени 810 докази.

В.В.

Поврзани новости