Мијалков: Никој од семејството не стои зад нападот на Златев, ова е хајка на Мицкоски

by Frosina Fakova

Ниту некој од моето семејство, ниту некој од моето обезбедување кое е составено од професионалци не учествувал во никаков инцидент, ова е уште една хајка на Мицкоски, тврди поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков обвинет во неколку предмети. Реакцијата следува откако новинарот Љупчо Златев објави дека синоќа бил нападнат од обезбедувањето на синот на Мијалков, Јордан во клубот „Трибека“ во Скопје.

-Насилството врз новинари е неприфатливо и доколку имало таков случај го повикувам МВР да го расчисти. Ниту некој од моето семејство, ниту некој од моето обезбедување кое е составено од професионалци не учествувал во никаков инцидент и сигурен сум дека тоа ќе се докаже откако ќе се расчистат сите детали, тврди Мијалков.

За настанот и обвинувањата на негова адреса вели дека се хајка на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој нарачувал текстови против него за да ја скрие својата неспособност.

-Измислуваше дека тестовите за Ковид 19 кои што беа донирани биле неквалитетни, а се најдобрите во светот. Измислуваше дека сум добивал тендери во здравство, а немам никаков допир со тој бизнис. Вчера измисли дека сум имал стан во Охрид, а денес измисли дека моето обезбедување учествувало во физички напад и за тоа ги злоупотребува медиумите блиски до партијата. Затоа ќе ти порачам, Христијан занимавај се со тоа што ти е работа. Три години времето го трошиш на мене, наместо да работиш на програма и понуда. Три години го трошиш просторот во медиумите кои се критички кон власта за пласирање на лаги за мене, наместо да го искористиш за обединување на членството и жесток и конструктивен напад кон власта. Видовме до каде те доведе тоа. Наместо сигурна победа, сега секој член на ВМРО ДПМНЕ е во исчекување дали ќе направиш Влада. Малку време ти остана, а ти наместо да преговараш со потенцијални партнери за коалиција и да обезбедуваш меѓународна поддршка, повторно се занимаваш со мене. Твој е изборот, но да знаеш дека и јас и останатите членови на ВМРО ДПМНЕ очекуваме да успееш да го исполниш последното ветување да составиш влада, и ке бидам еден од првите кој што ке ти честита, но доколку не успееш тогаш очекуваме да имаш доблест и да си стоиш на зборот дека ќе си поднесеш оставка, пишува Мијалков на фејсбук профилот.

Златев вели дека бил нападнат бидејќи пишувал текстови против Мијалков.

Поврзани новости