Мијалков: Кога можам да доаѓам на судење ни крив, ни должен, ќе ми дозволите одбраната да ја дадам во понеделник

by fokus

Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, на денешното рочиште за случајот “Плацевите на Водно”, не даде своја одбрана, барајќи од судот да му дозволат да зборува на следното рочиште, закажано за во понеделник.

Тој инсистираше дека треба да му се даде уште малку време, бидејќи обвинителката Лиле Стефанова денеска достави дополнителни докази, кои стигнале преку меѓународна правна помош од Кипар.

-Сакам да дадам одбрана, но во понеделник да се случи тоа. Кога можам 10 месеци да доаѓам овде, ни крив ни должен, можете да дозволите да дадам одбрана во понеделник. Досега не сум побарал ништо. Сега барам еден ден, петок, и во понеделник ќе ја дадам одбраната, истакна Мијалков.

Тој додаде дека има право на одбрана, коментирајќи дека цел ЗКП, Законот за кривична постапка, го научил од немајкаде.

Според обвинението за овој случај, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“.

Неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.

В.В.

Поврзани новости