Од нашите средби на терен произлегува дека 90 отсто од членовите ја поддржуваат нашата иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, но поради наметнатиот страв, во овој момент само одреден процент се подготвени јавно да излезат, вели во интервју за Фактор Александар Михајловски, еден од иницијаторите за реформи во најголемата опозициска партија. Тој е убеден дека и 90 отсто од членовите на Извршниот комитет и Централниот комитет ја разбираат потребата од реформи и, според него, ќе ги подржат претстојните реформи.
-Во овој момент многу од нив тајно ни пристапуваат со цел да се запознаат попрецизно со нашите идеи за начините на кои би се реформирала партијата, но за жал се уште кај дел од нив постои разбирлив страв од неизвесност. Но нека се присетат само каков страв од неизвесност имавме сите ние заедно кога Љубчо Георгиевски го напушти кормилото на партијата и Никола Груевски стана новиот лидер на ВМРО. Тогаш никој па дури ни сегашните негови најблиски соработници не веруваа дека е можно повторно да дојдеме во позиција да формираме влада. Но тоа сепак се случи за неполни 3 години – вели Михајловски.
Тој објаснува дека нивниот план за реформи се состои во неколку чекори. Прво, менување на статутот на партијата, со напуштање на централизмот и назначување на функционерите од страна на централата, и со воведување на тајни и непосредни избори од страна на членовите. Вториот чекор е генерален реизбор на сите партиски органи на тајни и непосредни избори. Третиот чекор ќе биде промена на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, преку промовирање на конзервативна десно- центристичка идеологија во која семејството и семејните вредности ќе го завземат вистинското место во опшеството. И четвртиот чекор подразбира деизолација на партијата, како внатрешна, така и надворешна, со што партијата ќе биде фактор за стабилизација во Македонија.