Досега кај извршната власт има слух и разбирање и сме вклучени во сите дебати, расправи и активности во врска со подготовка на закони од кои пред сѐ е засегната адвокатурата, вели претседателот на Адвокатската комора Љубомир Михајловски – Џанго во интервју за МИА.
-Се залагаме законите што ќе се донесат понатаму да бидат применливи и да немаат чести измени кои ја доведуваат во прашање правната сигурност, која, пак, како начело е потребна за владеењето на правото. Освен околу прашањата за законите, активни сме и во делот на подобрување на комуникацијата со институциите со кои адвокатите секојдневно работат, па оттука очекуваме овие наши заложби да резултираат со подобрување на квалитетот на услугите за адвокатите – вели Михајловски.
Тој додава дека Комората преку разни обуки, семинари и работилници врши едукација на адвокатите, што, според него, е голем придонес за нивното успешно работење.
-Адвокатите имаат можност да бидат дел од обуките што се реализираат од страна на Академијата за судии и јавни обвинители, врз основа на Меморандум за соработка потпишан меѓу Комората и Академијата. Дел од обуките и семинарите, пак, се поддржани од меѓународниот фактор, како што се Амбасадата на САД и Советот на Европа. Во план е реализација и на самостојни обуки на Комората, како и на конференции за актуелна правна проблематика – истакнува првиот човек на Адвокатската комора.