Михајло Пупин се залагал за автономна Македонија на Версајската мировната конференција!

by Фокус

Текстот е објавен на 29-ти август 2008-ма година во неделникот „Фокус“ во бројот 687

Пишувал
Блаже МИНЕВСКИ

Врз основа на архивската граѓа што успеал да ја пронајде во изминатите петнаесеттина години проф. д-р Павле Митрески, пензиониран професор на Битолскиот универзитет, предците на Михајло Пупин водат потекло од Македонија. Како што вели самиот, неговите истражувања немаат никаква политичка цел или претензии за „присвојување“ на овој голем светски научник, туку само аргументирано да биде потврдено и објаснето интересирањето на Пупин за Македонија во првите две децении од 20-от век, односно во времето кога се решавала судбината на Македонија. Според документите до кои дошол д-р Митрески, најексклузивната информација е таа дека Пупин како дел од експертскиот тим на Мировната конфереција во Париз во 1919-та година се залагал Македонија да добие автономија.

Според проф. д-р Митрески, предците на Михајло Пупин, кои со преселбите стигнале до Војводина, во селото Идвор, всушност потекнуваат од Москополе, Македонија. Всушност, за време на миграционите движења од крајот на 17-от и почетокот на 18-от век, Пупини се доселиле најпрво во Струшки Дримкол, каде што дел од нив останале и до ден денес, а некои заминале на север.

– Родот Пупинови се спомнува во двете македонски села Горна и Долна Белица, но и во Вевчани. Во овие села тој род постои и во текот на 19-от и 20-от век. Во селото Вевчани, на пример, каде што на 11-ти октомври годинава ќе биде отворен Пупинов музеј и Спомен-куќа, постојат повеќе преданија за доселувањето на родот Пупинови, а повеќето вевчанци тврдат дека поголемиот дел од овој род, кој е од влашко потекло, подоцна се преселил во струшкото село Горна Белица.

Сепак, најсочуван и најинтерсен запис за родот Пупинови, врз основа на документи, објави проф. д-р Јован Трифуновски. Тој тврди дека „нивното потекло било цинцарско“ и дека најпрво „живеле во село Нича недалеку од манастирот Свети Наум, крај Охридското езеро“.

Според проф. д-р Трифуновски, поради некоја кавга, Турците го отепале старешината на семејството. Веднаш неговата жена Пупа, со четирите сина и со стоката, која броела 500 овци и 100 кози, се доселиле во Вевчани. Селскиот коџобашија на Вевчани, Тасе Србаковски им отстапил место да изградат куќа, па истото место сега се нарекува Пупинов камен. Два сина на Пупа, кои се викале Ѓорѓи и Никола, останале во Вевчани, третиот син Стојан се иселил во Србија, а четвртиот заминал во Банат. Оттука, Константин, таткото на Михајло Пупин, најверојатно е син на четвртиот брат од родот Пупинови од Вевчани. Инаку, дека Пупинови имаат влашко потекло говори и тоа што во Вевчани дури и денешните далечни потомци на тој род како своја слава ја имаат Богородица, за разлика од другите вевчанци кои слават Преображение – вели проф. д-р Митрески, додавајќи дека неговиот интерес првенствено бил насочен кон активностите на Михајло Пупин во времето кога македонското прашање станало актуелно меѓународно прашање за кое се расправало и на Мировната конференција во Париз.

ПОДДРШКА ОД САД И ВО 1911-ТА!

Во последната деценија на 19-от и во почетокот на 20-от век македонското национално движење кулминира со Илинденското востание, а се зголемува и интересирањето на официјалната политика на САД за Македонија.

– Македонските иселеници во САД во тоа време јавно го актуелизираат македонското прашање. Во првата деценија на минатиот век во Америка постоеле многу македонски организиции, односно иселенички друштва, а Македонците имале и јавни гласила како „Борба“ и „Македонски гласник“ во кои во основа се пишувало за потребата Македонија конечно да добие своја автономија.

До 1911-та, особено во текот на 1912 година, повеќе американски весници и списанија пишувале за Балканот, а посебно за Македонија, така што речиси целокупната јавност била информирана за судбината на македонскиот народ. Тоа довело пролетта 1912 година САД неизбежно да се замеша во решавањето на таканареченото „источно прашање“, односно прашањето за судбината на Македонија по пропаѓањето на Отоманската империја.

По окупацијата и распарчувањето на Македонија од страна на балканските држави, започнува нова критична фаза за македонското прашање. Повеќе не постоело „источно прашање“ туку само „македонско прашање“. Се разбира, САД со заинтересираност го следеле натамошниот раскол на настаните на Балканот, а посебно положбата на македонскиот народ. Така, за време на одржувањето на Конференцијата за мир во Букурешт, во август 1913-та година, кај владите на балканските држави Владата на САД интервенирала со нота во која меѓу другото пишува:

„Со задоволство би прифатиле внесување во договорот одредба со која целосно би се гарантирале граѓанските и верските права на граѓаните кои би можеле да им бидат дадени на заинтересираните држави“.

Споменик на Михајло Пупин во Војводина

Се разбира, големиот научник Пупин, чии предци потекнуваат токму од Македонија, а кој веќе бил познат граѓанин на САД, не можел да биде индиферентен кога сите знаеле што се случува на Балканот, особено со македонски народ. Од документите што ги пронајдов во разни архиви на Балканот, но и во Америка, јасно може да се види дека Михајло Пупин и тоа како се интересирал за решавањето на македонското прашање.

Неговата активност за време на Балканските војни почнува непосредно по 18 октомври 1912 година, денот кога започнува војната на балканските сојузници против Турција. Само два дена потоа, Пупин повикал на состанок во Њујорк иселеници од јужно-словенските простори. На состанокот присуствувале околу 500 лица, а имало и новинари меѓу кои и новинари на влијателниот „Њу Јорк Тајмс“. Пупин зборувал на српски јазик, а за новинарите имало директен превод кој го вршел Адолф Леви. Во почетокот на својот говор Пупин истакнал дека балканската војна не е само војна против Турција, туку и војна против европската дипломатија, а особено против „големите сили кои не ги спроведоа во дело одлуките на Берлинскиот конгрес од 1878 година кои се однесуваа на балканските држави“.

Овие зборови на Пупин всушност се однесуваат на една од одлуките од Берлинскиот конгрес, според која Македонија требаше да добие автономија со што сигурно немаше да дојде до Илинденското востание, како и до најкобниот подоцнежен договор за поделба на Македонија во Букурешт. Говорот во Њујорк Пупин го завршил со зборовите:

„На оружје следбеници на Христа. Да ги ослободите вашите браќа во Македонија, да ги сочувате вашите жени од Турците, вашите ќерки од опасноста на харемот, од колење и од грабеж“.

Подоцна Пупин отворено ќе се залага и ќе се бори да ги реализира своите идеи за „демократска федерална држава во која подеднакво право ќе имаат сите народи на Балканот“. Во врска со тоа ќе има можност да се искаже и на Меѓународната мировна конференција во Париз во 1919 година – вели д-р Митрески.

ВУДРОУ ВИЛСОН И ПУПИН

Барањата што пристигнувале до Вудроу Вилсон, претседател на САД, како и до државниот секретар за надворешни работи пред и за време на одржувањето на Мировната конференција во Париз од страна на повеќе македонски асоцијации со молба, конечно, и македонскиот народ да биде признат и да добие автономност, биле публикувани во многу американски весници. Тоа имало влијание, смета д-р Митрески, не само кај американската јавност, туку пред сѐ и кај американската делегација во Париз за да изгради став дека е потребно Македонија да добие автономија.

Сето тоа, американската делегација, но и Пупин, кој формално бил експерт на југословенската кралска владина делегација, ќе го искористат за да се постави, односно да се отвори на преговарачката маса и македонското прашање. Во мировната програма на претседателот на САД, Вудроу Вилсон, која има 14 точки, меѓу другото стои и тоа дека Букурешкиот договор не може да биде основа за решавање на „балканскиот проблем“, со оглед на тоа дека договорот бил дело на „корумпираните балкански буржоазии“.

– Во дипломатските кругови на САД во тоа време се сметало дека единствено можна, прифатлива солуција за трајно решавање на опасниот балкански проблем, во чие средиште секако е македонското прашање, е создавање автономна македонска држава. Секако потоа не се исклучувала и можноста за сојуз на самостојните балкански држави во балканска конфедерација. За време на прелиминарните раговори во Париз и во Лондон, значи пред започнувањето на Мировната конференција во Париз, во повеќе наврати се разгледувало и македонското прашање, во контекст на концепцијата на претседателот Вудроу Вилсон за решавање на големиот „балкански проблем“.

Притоа, додека Америка била за создавање на автономна македонска држава, Велика Британија била решително против создавање на „некаква македонска државност“, со образложение дека „автономијата значи исто што и независност“. Сепак, идејата за создавање автономна македонска држава никогаш не била напуштена од САД.

По пристигнувањето во Париз, Пупин од југословенската експертска група добил податоци за положбата во која се нашла кралската делегација, пред сѐ во врска со нерешните граници. За тие проблеми го известувале скоро единаесет дена. Како експерт ангажиран од Никола Пашиќ, Пупин најпрво почнал да преговара со американската делегација, а посебно со професорот Џонсон и со полковникот Хаус, десна рака на претседателот Вулсон за прашањата од надворешната политика.

Тие на Пупин му предложиле да напише Меморандум којшто на 19 април 1919 година веќе стигнал во Белата куќа, а наредниот ден Пупин бил известен дека претседателот Вилсон го прочитал неговиот Меморандум и дека „извонредно му се допаднал“, нагласувајќи дека „претседателот Вилсон и американската делегација ги познавале и високо ги ценеле Пупиновите написи за југословенското прашање“.

Во тој Меморандум до претседателот на САД, Пупин меѓудругото барал позитивно да се решат историските и етничките прашања во Словенија и Македонија. Се разбира, Никола Пашиќ бил разочаран од тоа став на Пупин, плашејќи се дека и Бугарите на Конференцијата ќе го актуелизираат македонското прашање, територија која за него била од голема важност. Во едно писмо на Пашиќ, испратено на 24 април 1919 година до премиерот Стојан Протиќ од Париз, српскиот водечки политичар од тоа време високо ја оценува работата на Михајло Пупин во Париз, но во додатокот на писмото меѓу другото стои:

„Пупин чека да се најде овде во времето кога ќе се решава за исправките на нашата граница спрема Бугарија, бидејќи сега има силни пропаганда во корист на Бугарија, и мисионерите и професорите на Роберт-колеџот водат пропаганда за автономија на Македонија“.

На седницата на југословенската делегација во Париз, одржана на 2 мај 1919-та година, жестоко се дискутирало за Вилсоновиот план за Балканот, а на крајот биле усвоени и неколку заклучоци по кои треба делегацијата побрзо да решава. Во шестата точка се зборува за македонското прашање:

„… г.Бошковиќ соопштува дека по информациите што ги има во Америка, барем во извесна мера, се шири идеја за автономија на Македонија. Опасноста еден ден Вилсон да ја прифати таа идеја и со неа да излезе во јавност, потоа би било тешко да се поврати. Затоа би било потребно на некој начин да се спречи Вилсон, зашто нашето Кралство никогаш не би се согласило со таа комбинација. Би требало за ова да му се каже и на Пупин, кој за ова прашање се интересира“.

Во таа насока, во февруари 1919-та година, Либиер, член на американската експертска група во Париз, водел разговори со британскиот новинар Џејмс Баучер. Главниот акцент бил на актуелизирањето на прашањето за автономија на Македонија. Притоа, Баучер изнел образложен план за автономна македонска држава, под протекторат на САД, бидејќи „тоа го сака македонскиот народ“. За главен град на автономната македонска држава се предвидувал Солун. За жал, наместо ова, „Советот на десетмината“ во Париз на крајот го потврдил договорот за поделба на Македонија, барајќи само ‘да се обезбеди специјална заштита за македонското населението’ – вели д-р Митрески.

НАПАДИ ВРЗ ПУПИН

За несогласувањето на Михајло Пупин со југословенската кралска влада, а особено со Никола Пашиќ околу решавањето на македонското прашање, за што Пупин инсистирал и несебично се залагал, почнувајќи од Правата балканска војна, па во текот на Првата светска војна и посебно на Мировната конференција во Париз, д-р Митрески открил неколку нови податоци, кои зборуваат за нападите врз него по напуштањето на Париз и заминувањето во САД.

– Смислените нападите против Пупин дискретно биле координирани од Пашиќ, а потоа по разни канали стигнувале до јавноста. Според спомените на Миливој Матиќ, пријател на Пупин од детските денови, „ситните луѓе се обидувале да му се одмаздат на Пупин за ставовите на Мировната конференција во Париз, па ја подбуниле младината и таа демонстрирала против него кога пристигнал во Белград по заминувањето од Париз“. Во протестот учествувале и Белградската општина и Белградскиот универзитет.

По својот неколкудневен престој во Белград, таа 1919 година, Пупин престојува кусо и во родното село Идвор, а во Панчево одржува и едно популарно предавање „за американскиот идеализам“, нагласувајќи дека „Америка не бара ниту земја, ниту градови; не бара ниту овластување за да се наметне за тутор во туѓи краеви, не бара ниту тешки воени отштети. Таа е тука како една од големите сили која агитира умереност и без никакви оградувања бара правичност за сите мали народи“.

Според документите што ги открив, но и според објавените написи во весниците од тоа време, слободно можеме да речеме дека Михајло Пупин до крајот на својот живот останал на страна на македонскиот народ, што може да е и чувство за некаков долг кон своите македонски предци. Затоа со право д-р Коча Јончиќ инсистира „што повеќе да се истражува односот на Пупин кон Македонија и македонското прашање“, а истото мислење го делат и српските универзитетски професори д-р Андреја Митровиќ и д-р Славко Гавриловиќ – смета д-р Митрески.

НАЈГОЛЕМАТА КАМБАНА

– Откако Михајло Пупин станува славен и познат научник, но истовремено и многу богат, бидејќи неговите научни откритија и нови патенти од година во година му носеле големи приходи, дел од тие пари почнал да подарува за добротворни цели. Притоа, факт е дека тој и во таа насока многу се интересирал за Македонија, давајќи помош за разни намени. Според мене и тоа е доказ дека сакал на некој начин да им се оддолжи на своите предци кои потекнувале од Македонија. Со сопствени средства формирал специјален фонд за стипендирање на сиромашни деца од Македонија, а фондот ѝ го посветил на својата мајка Алимпијада. Овој фонд бил исклучиво наменет за школување на деца од Македонија, а износот на средствата од година во година растел.

Така во 1914-та година Фондот започнал со 40.000 динари, шест години подоцна веќе располагал со 200.000 денари во злато, а во 1928-та година сумата достигнала 475.309 денари во сребро. Претворањата на динарите во злато, а потоа и во сребро, била исклучиво негова желба. Фондот почнал со работа во 1920 година, и бил активен сѐ до 1940 година.

Еден од учениците кој добивал Пупинова стипендија бил и охриѓанецот Благоја Ивановски – Жура. Тој во својата автобиографија потврдува дека добивал стипендија од Фондацијата на Пупин како „најдобар ученик“.

Во знак на спомен кон родниот крај на своите родители, но и како почит кон култот на словенските просветители свети Климент и свети Наум, но и православието воопшто, Пупин обезбедува и други средства како подарок за Македонците. Кога по втор пат по Првата светска војна, односно во 1921 година, ја посетува Југославија, Пупин решава да се изгради нова камбанарија и да се излие голема камбана што ќе се постави во Светиклиментовата црква во Охрид. Камбаната ја порачал преку својот пријател д-р Нико Жупанчиќ во Љубљана. Тежела 2.300 килограми, а била донесена во Охрид во јуни 1923 година. За тоа на 6 август 1923 година, во весникот „Јужна Ѕвезда“, кој излегувал во Битола, меѓудругото пишува:

„Во старославниот историски град Охрид, на бедемот на Свети Климент, ѕвони денес најголемата камбана на Балканскиот Полуостров, чии звуци со векови ќе ги потсетуваат идните генерации“.

За оваа камбана Пупин платил 129.000 динари, и самиот меѓу пијателите ја нарекувал „камбана за ослободување на Македонија“. За свеченото предавање на камбаната во употреба пишува поопширно во еден црковен календар, но дури во 1925 година. Во него, меѓудругото, стои забележано дека „за камбаната е подигната посебна камбанарија, чиј темел е осветен на 10 јуни 1923 година, а помош за подигањето на камбаната испратила дури и госпоѓа Х.Х. Џенкис од Њујорк“.

На 28 јуни 1923 година, камбаната со биволска запрега свечено е пренесена од железничката станица до црквата Свети Климент, со големо учество на свештенството и народот. За тоа сведочат две фотографии кои ги пронајдовме кај една стара охридска фамилија пред три години. Сега тие оригинални фотографии за тој настап се чуваат во Историскиот архив во Охрид. На 7 јули истата година се слушнал првиот звук на камбаната, објавувајќи дека во Охрид се враќа старата слава и се обновува светот на православието под заштита на свети Климент.

Истата камбана и сега е во камбанаријата каде што била поставена пред точно 85 години, а на неа во вид на шестоаголник е изгравирана икона со ликот и натпис за свети Климент, кој со книга во рацете го поучува својот народ. На големата камбана подарена на македонскиот народ во 1923-та година пишува:

„Со песна го славиме Господа и ја испраќаме молитвата на свети Климент за единство, братство и среќа за сите Јужни Словени. Подарил на старославниот Охрид, Михаил И. Пупин. Лето 1923“.

За Охрид, и за Македонија, славниот научник има подарено и други средства. Така, на пример, за помош на Охрид формирал дури и специјален фонд за помош на бедните граѓани во износ од 100.000 динари, со цел „да се помагаат сиромашните луѓе, христијани и муслимани“. За возврат и благодарност за таквите дела, тогашната охридска општина една од најубавите улици во градот, онаа што оди кон Гимназијата и Охридските извори, ја именувала како „Пупинова улица“.

Од делумната листа на доброволни прилози што ги давал Пупин во Македонија може да се види дека негови пари добивале и повеќе македонски институции и поединци, како, на пример, Женското занаетчиско училиште во Струга, соколското друштво „Крали Марко“ во Скопје, а средства од Пупин стигнале и за настраданите во Битола, како што во 1925 година на општина Охрид, преку Темко Попов, ѝ подарил 57.000 динари, а во 1929 година дал свои пари и за помош од поплавите во Скопје.

Дека македонскиот народ сепак не ја заборавил помошта што ја добивал од Михајло Пупин, сведочи и тоа што по повод 150-годишнината од раѓањето на овој голем светски научник од македонско потекло, „Македонски пошти“ пред четири години предадоа во употреба пригоден поштенски печат со ликот на Пупин и со натпис: „Сто и педесет години од раѓањето на Михајло Пупин“.

Големиот научник и хуманост умрел на 12 март 1935 година во Њујорк, а погребан е на гробиштата Вудлон, каде што почиваат многу други великани на американската историја. Бил оженет со Американката Сара Катарина Џексон од Њујорк, со која имале својата ќерка Барбара – вели проф. д-р Павле Митрески, пензиониран профессор на Техничкиот факултет во Битола, кој досега има објавени десеттина книги посветени на историјата на македонскиот народ од 19-от и 20-от век.

Вевчани
МУЗЕЈ И СПОМЕН-КУЌА НА МИХАЈЛО ПИПУН!

– Меѓу умовите кои ги трасирале патиштата на големата индустриска револуција при крајот на 19-от и почетокот на 20-от век, секако е и Михајло Пупин, кој е особено заслужен за развојот на електротехниката и телекомуникацијата во светот. Тој е еден од најголемите физичари и електротехничари на сите времиња. Пупин е роден на 9 октомври 1854 година во село Идвор, во близина на градот Панчево, во Србија. Неговиот татко се вика Константин, а мајка му Олимпијада или, поточно, Алимпијада. Од пет синови и исто толку ќерки, останале живи само Михајло и уште три негови сестри. Основното училиште го завршил во Идвор, средното во Панчево, а потоа продолжил да се школува во Прага, од каде во 1874 година, незадоволен од однесувањето на наставниците, заминува преку Хамбург за Америка.

Михајло Пупин на банкнота на „Република Вевчани“

Првите пет години по доаѓањето во САД живеел во тешки услови, како физички работник, а потоа се вработил во фабрика за двопек. Есента 1879 година со одличен успех го положува приемниот испит на Колумбискиот универзитет во Њујорк, а студиите со најдобар можен успех ги завршува за четири години. Веднаш потоа добива стипендија за проучување на техничките науки, физика и математика на Универзитетот во Кембриџ, па продолжува да се усовршува во Берлин, каде што го брани и својот докторат од областа на физичката хемија.

Враќањето на Пупин во Америка било триумфално, започнувајќи ја својата научна кариера како професор по физичка математика на Универзитетот Колумбија. Во својата научна кариера има регистрирано 24 патенти, меѓу кои се апарат за телеграфски и телефонски преноси, трансформатор на телеграфски, телефонски и други електрични системи, безжично пренесување на електрични сигнали, звучен генератор, радио-приемен систем со висока селективност, радиофонски приемател и друго.

Делото на Пупин е овековечено со многубројни почесни признанија, звања и медали, кои ги добил додека бил жив, но и посмртно. Бил претседател на многубројни општествени институции во САД, а меѓу нив бил и претседател на Академијата на науките во Њујорк. Меѓу одликувањата се наоѓаат и шест златни медали од светски познати научни институции. Додека бил жив бил прогласен за почесен професор на 20 универзитети во светот, а бил член и на повеќе национални академии. Во архивата до која дојдов има податоци дека Михајло Пупин, меѓудругото, сакал лично да ја посети Македонија, но времето и здравствената состојба не му овозможиле да ја реализира таа своја желба. Затоа, пак, до крајот на својот живот постојано пројавувал интерес за Македонија и за македонскиот народ – вели проф. д-р Митрески.

Поврзани новости