Како Ива Михаилова од Кочани, која има и македонско и бугарско државјанство, ја напушти Македонија и пристигна во Бугарија, додека за неа се води судска постапка по обвинение дека предизвикала сообраќајна несреќа со смртни последици, поради што и беа одземени патните исправи како мерка на претпазливост?
Откако во текот на вчерашниот ден се појави во бугарските медиуми во придружба на нејзиниот адвокат од Бугарија, Николај Димитров, Михаилова тврдеше дека преминала на регуларен граничен премин, посочувајќи дека на македонска страна приложила македонска лична карта, а на бугарска страна – бугарска лична карта.
Меѓутоа, оваа верзија, која ја поткрепуваше и адвокатот Димитров со тврдења дека имале помош од многумина нивни поддржувачи во македонските институции, не одговараат на досега обезбедените информации и сознанија од страна на домашните истражни органи.
Како што велат за „Фокус“ добро упатени полициски извори, Министерството за внатрешни работи има доказ, односно видео-снимка дека Михаилова била во земјава на 10-ти месецов, односно изминатава сабота, што е 2 дена пред таа да се појави на бугарска телевизија, каде кажуваше дека била репресирана поради тоа што била Бугарка, на тој начин што и било оневозможено лекување во Бугарија.
Покрај тоа, посочуваат нашите извори, утврдено е дека Михаилова била во Македонија цели 2 недели откако е регистрирано дека нејзиниот адвокат Димитров последен пат влегол и излегол во земјава, при што бил во друштво на трето лице, кое исто така е предмет на проверките што се вршат како била изведена оваа евакуација.
Во таа насока, додаваат тие, се проверуваат сите можности како Михаилова преминала кон Бугарија, при што не се исклучува можноста тоа да го сторила во багажник на автобус, во гепек на патничко возило, на задно седиште на дипломатско возило, ниту пак преку дива планинска рута.
Единствено што се исклучува според досега обезбедените податоци, е официјалната верзија на Михаилова дека преминала на официјален граничен премин, каде последниот нејзин излез кон Бугарија е евидентиран во 2025 година.
Влатко Стојановски